Home » Со 61 пратеник ВМРО-ДПМНЕ влегува во привилегирана позиција во преговорите за формирање Влада

Со 61 пратеник ВМРО-ДПМНЕ влегува во привилегирана позиција во преговорите за формирање Влада

by Журнал.мк

Со 61 пратеник ВМРО-ДПМНЕ влегува во привилегирана позиција во преговорите за формирање Влада. Според познавачите, Христијан Мицкоски има простор да ги одлучува правците на работа на следната власт, како и распределбата на ресорите. Политичкиот аналитичар Александар Ристевски за Алфа вели дека Мицкоски, во преговорите за коалицирање, влегува со цел да добие што е можно посилно мнозинство во Сорбанието.

-Дефинитивно тој што составува Влада и тој што веќе има искажано мнозинство во Собранието и основа за да формира Влада, е во одредена своевидна привилегирана позиција и со можност да кажеме тој да ги определува правците, па и ресорите и местата како би се составувала идната Влада. Повеќе од евидентно е дека мандатарот на идната Влада, Христијан Мицкоски има желба и тенденција таа да се прошири, да се исполни условот и за бадинтерово мнозинство, вели Ристевски.

Според политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ начелно била договорена уште пред изборите и не очекува да има тешки преговори за формирање Влада.

-Нивната коалиција со „Вреди“ беше договорена многу претходно. И ако сакаме да имаме здрави односи во Владата, здрави односи веќе конечно во Македонија треба да се почитуваат тие договори што претходно ги направиле, без разлика што резултатите за едната партија излегоа неочекувано за нив многу добри, вели Пекевски.

Во актуелната власт ДУИ ги имаше речиси сите клучни ресори, како надворешни работи, финансии, економија, образование, а ја имаа и позицијата прв вицепремиер, која беше измислена по нивно барање. Ристевски вели дека албанскиот политички блок ќе мора да се задоволи со многу помалку, односно распределба на ресори кои ќе ја искажат реалната политичка моќ.

-Ова што како моќ го имаше ДУИ во актуелната власт, во изминатите четири години, мислам дека беше една претерана отстапка на СДСМ и токму поради тоа СДСМ потона на ниво да биде помалку или повеќе со ист број на пратеници со ДУИ. Мислам дека бројките кои ВЛЕН ќе ги има во идната Влада, ќе бидат поразумни, ќе бидат еден своевиден пресек, реално претставување на нивната сила и учество во идната Влада, изјави Ристевски.

Пекевски вели дека не е важно која партија кој сектор ќе го добие, туку на позиции да бидат поставени квалитетни луѓе.

-Битно е само да донесат квалитетни луѓе и да се видат резултати, значи треба да престанеме да гледаме дали е тоа маж, жена, дали е Албанец, Македонец, туку најбитно е на позициите да се постават квалитетни и способни луѓе, кои на крајот на денот воопшто не мора да бидат партиски личности, туку да бидат експерти во својата област, изјави Пекевски.

Работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ вчера ја одржаа првата средба за договарање на новата Влада. Таму било заклучено дека потребно е да се задржат програмските определби за кои добиле поддршка од граѓаните, како и да се запзат договорените принципи за идно делување.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More