Апелациониот суд го врати на повторно одлучување предметот за убиената мигрантка од Сиера Леоне Фатмата Камара, која загина во близина на границата со Гевгелија, откако полицаецот Игор Марков во обид да спречи криумчар на мигранти да превезе група мигранти, испукал куршум што беше фатален за 23-годишната девојка.
Првостепениот суд минатото лето го ослободи од одговорност за „тешки дела против општата сигурност“ полицискиот службеник Игор Марков. Но, предметот беше обжален од страна на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и се враќа на повторно одлучување.
Основани се наводите во жалбата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција дека судот сторил суштествена повреда на постапката и извел погрешни заклучоци во утврдувањето на решавачките факти. Судот требало да ги утврди сите решавачки факти особено ако се земе предвид дека кога обвинетиот му се приближил на сведокот Кристијан, го држел службениот пиштол во кој имало муниција и со тоа последователно со текот на динамиката дошло до испукување од службениот пиштол и до смртен исход на Фатмата Камара. Од овие околности, судот требало со сигурност да утврди дали ваквото однесување на обвинетиот е лоша проценка или избрзаност и дали таквото однесување произлегува од лекомисленост или од избрзаност или небрежност, бидејќи небрежноста е казнива, тврдел јавниот обвинител Сашо Рајчев.
Адвокатот на полицаецот Марков, Антонио Апостолски, одговорил дека за небрежност може да се одговара само кога тоа е определено со закон, а со оглед на тоа дека Марков не е гонет за небрежност, не може да одговара за тоа.
Во спротивно ОЈО требало да поднесе обвинителен акт во тој правец, тврдел Апостолски.
Треба да се има предвид вештачењето од вештото лице Горан Алексовски и исказите од сведоците испитани во текот на првостепената постапка. Ослободителната пресуда за обвинетиот Игор Марков е издржана и истиот треба да биде ослободен од обвинение и второстепениот суд да ја потврди првостепената пресуда. За наводот на јавниот обвинител дека обвинетиот требало да го користи пиштолот согласно законот и правилата на службата, не е покрената дисциплинска постапка за обвинетиот по однос на неправилно користење на пиштолот, истакнал адвокатот, а полицаецот додал дека сочувствува за трагичниот настан, но не се чувствува виновен за сторено кривично дело.
Апелациониот суд реши да ја уважи жалбата на обвинителството и предметот да го врати на повторно судење поради нејасност на првостепената пресуда и затоа што причините за решителните факти во образложението на пресудата „во значителна мера противречат на содржината на изведените докази“.
Според првостепената пресуда, самиот настан се случил кога полицаецот Марков презел дејствија во рамките на неговите службени овластувања при што бил спречен да ги изврши од страна на криумчарот на мигранти Кристијан Јанковски кој нагло се свртел, се втурнал во Марков, замавнувајќи со десната рака во пределот на вратот на полицаецот при што се обидел и да му го зграпчи службениот пиштол нафрлувајќи се врз него. Полицаецот се впуштил во борба со Кристијан кој претходно не се одзвал на наредбата на овластеното службено лице „стој полиција“ и имал цел да избега.
Потоа бил испукан еден истрел од службеното полициско оружје, додека во непосредна близина насобрани биле поголема група илегални мигранти, заедно со криумчари на мигрантите и полицајци на МВР. Од овој истрел, загина мигрантката Фатмата Камара од Сиера Леоне. Првостепениот суд повикувајќи се на вештачењето од асистент доктор Горан Алексовски, утврдил дека криумчарот Кристијан Јанковски го нападнал полицаецот Игор Марков и на таков начин пиштолот испукал, и тоа од апсолутна близина, а тоа значи дека пиштолот бил поставен до телото на Кристијан Јанковски при што и тој се здобил со повреда. Вештакот смета дека ова покажува дека кај полицаецот немало ниту умисла, ниту волја да настане смртен исход кај мигрантката.
По оценка на овој суд обвинетиот бил должен со службениот пиштол да управува со должно и можно внимание како не би го довел во опасност животот на присутните луѓе, а имајќи предвид дека станува збор за место на кое имало собрано поголем број луѓе кои Кристијан Јанковски ги внесувал во возилото со намера да ги превезе, иако обвинетиот двапати му дал знак „стој полиција“. Кристијан не се одзвал туку продолжил да ги внесува мигрантите во возилото. И покрај тоа, обвинетиот одлучил со службениот пиштол кој бил репетиран држејќи го во рака да се упати кон Кристијан и да му се приближи, свесен дека го става во опасност животот на илегалните мигранти кои биле позади Кристијан, пишува во пресудата на Апелациониот суд со која предметот се враќа на повторно одлучување.
Оттука, според оценката на Апелација, заклучокот дека кај обвинетиот не постоела ниту умисла ниту волја за извршување на делото и дека неговиот однос во настанот е последица на нападот врз него – се доведува под сомнение. Ова е поради динамиката на одвивање на настанот и доказите, од кои произлегува дека обвинетиот како службено лице имал службен пиштол во раката, а пиштолот како општо опасно средство може да загрози човечки живот, при што кога обвинетиот му се приближил на Кристијан Јанковски го држел службениот пиштол и со тоа последователно со текот и динамиката на кривично-правниот настан дошло и до смртниот исход кај Фатмата Камара.
Повисокиот суд бара првостепениот суд да се впушти во детерминирање на умислата на обвинетиот – дали полициските работи можело да бидат извршени и со употреба на други средства, дали обвинетиот бил свесен дека може да настапи штетна последица или пак лекомислено сметал дека ќе може да ја спречи или дека таа нема да настапи.
Првостепената пресуда со која Марков беше ослободен од обвинение минатото лето, беше дочекана со солзи од сопругот на Фатмата, Абу Бакар. Тој во судница раскажуваше за патот што тој и неговата сопруга со која се сакале од деца, го изоделе од Солун до македонската граница. Крајната дестинација до која сакале да стигнат била Франција. Македонија била само попатна точка на тој пат до Франција, но за Фатмата беше последна станица.
-Јас и жена ми Фатмата, речиси една година живеевме во камп во Грција. Побаравме азил во Грција, но бевме одбиени и затоа решивме да ја напуштиме оваа држава и да одиме во Франција. Со автобус отидовме од Атина до Солун, а од Солун до границата со Македонија – дојдовме пеш. Ја преминавме границата. Црниот автомобил и возачот веќе беа таму, чекаа. Возачот ги отвори сите врати од возилото. Јас и жена ми се приближивме, но веќе имаше две лица внатре. Жена ми седна на десната страна од позади, рече тогаш Абу Бакар.
Токму тогаш го слушнал истрелот од огнено оружје и нејзините последни зборови – „Абу, ме застрелаа“.
-Истрчав од десната страна да ја видам сопругата. Тогаш видов како полицаец испука во воздух без воопшто да каже нешто. Некои од луѓето се разбегаа. Молев за помош, но никој не дојде до мене. Само пријателката која ми е како сестра и со која заедно дојдовме. По некое време дојде полициско возило и јас со пријателката успеавме да ја ставиме жена ми на задното седиште. Полицаецот не однесе во болница. Кога пристигнавме пред болницата, јас и пријателката се обидовме да ја извадиме жена ми од полициското возило. Мојата сопруга тогаш повеќе не дишеше. Докторот и полицаецот ја земаа жена ми за да ја внесат во болница. Не употребија носилка. Ја држеа за раце и нозе и се однесуваа кон неа како кон животно. Имам докази за тоа. Се обидов да влезам во болница, ама докторот ме спречи. Рече – чекај надвор и седни на земја. Го направив тоа. По некое време ја изнесоа жена ми од болница на носилка. И ја соблеков крвавата облека. Кога прашав кај ќе ја носат, рекоа „во поголемата болница“, сведочеше сопругот на Фатмата, Абу Бакар.
Кога побарал да оди и тој, докторот рекол дека нема место во амбулантното возило а полицаецот се понудил тој да го одвезе до поголемата болница.
– Кога влеговме во полициското возило, полицаецот не го следеше амбулантното возило. Ме излажа. Не однесе во полициска станица. Таму се обидов да ја фотографирам крвавата облека на мојата сопруга, но полицаецот ме спречи во тоа. Ми ја зема облеката и ми стави лисици. Дојде друг полицаец и ми рече да дадам изјава. Кога завршив со изјавата, не ставија сите во комбе, не однесоа во камп. Таму им ги дадовме своите имиња и не фотографираа. После тоа повторно не возеа 4-5 часа и се најдовме во затвор. Во затворот бев 2 дена и никој не дојде да ми каже нешто. После некое време, дојде полицаец и ми рече „ќе те однесам до српската граница, замини во Европа, заборави ја жена ти“. Одбив. Сите други ги земаа во комбе и не знам каде ги однесоа, а мене ме однесоа во Визбегово, изјави Абу Бакар пред судијата.
Токму таму, дознал дека сопругата Фатмата е мртва.
-Управителот на Визбегово е добар човек. Десет дена поминав во прифатниот камп и ако не беше управителот, немаше ни да знам дека жена ми е мртва, бидејќи управителот е тој што ме однесе да го видам телото на жена ми, рече Абу Бакар.
Адвокатот на Абу Бакар, Глигорие Ќатоски, достави документи до судот, според кои, кон кривичниот прогон се приклучуваат мајката и двете сестри на Фатмата, кои живеат во Сиера Леоне. Двајцата криумчари на мигранти кои чекале на границата кај Гевгелија и прифаќале мигранти во возилата, веќе се правосилно осудени на затворски казни и ги издржуваат.