Превртени и запалени автобуси, ЈСП без нафта, преполни постојки, блокирани сметки, затворена зоолошка градина со сомнителна смрт на егзотични животни, бездомни кучиња по мрачни булевари и улици, закани и тужби за новинари, вака Скопје ја одбележи 2024 година.
Гужвите, нервозите и долгото чекање на постојките стана секојдневие за скопјани. Луѓе доцнеа на работа, студентите на факултет, постарите на лекар.
Скопје стана рекордер и во аерозагадувањето. Престолнината руши негативни рекорди и често го зазема неславното прво место како најзагаден град во европа.
Отровот кој го дишат скопјани ги наполни болниците, додека 18% од вкупната смртност во државата е резултат на отровор кој го дишат. Да е уште потрагично. Главниот град стана мета на потсмев и во медиумите во регионот. За состојбата со лошиот јавен сообраќај, нередот на плоштадите и парковите, новогодишното украсување пишуваа медиумите од соседството.
А локалната власт како да раководи со град во паралелен свет. Додека метрополата тоне во беда и мрак, неуспехот за лошото работење го бараа во централната власт – во Владата која обезбеди резерви на нафта за нормално функционирање на ЈСП и ги спаси граѓаните од мрзнење на постојките.
Иако проблемите како што одминуваше годината се натрупуваа, редакцијата на АЛФА во бројни наврати се обидуваше да контактира со релевантни фактори во градската управа, беа испраќани голем број на прашања до мајката на градот, одговори никогаш не добивме, но затоа стигна по некој неоснован демант и некоја закана за тужба.