Скопјанец вчера попладне бил пријавен дека при прошетка е изгубен на Водно. Пријавата, на единствениот број за итни случаи 112 ја поднел таткото на изгубеното лице кој рекол дека синот одејќи на прошетка на Водно се лизнал и најверојатно паднал, информираат утринава од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Лицето што било пријавено за изгубено носело со него телефон, но тој му бил исклучен.
Таткото, додаваат од ЦУК, кога пријавил рекол дека не знае точно во кој дел може да се наоѓа синот.
Од ЦУК велат дека веднаш биле известени службите од Црвениот крст за натамошна постапка.
„Во 14:55 часот од страна на Црвениот крст е добиено известување дека лицето е лоцирано и дека веќе е со својот родител на Средно Водно и дека сè е успешно завршено“, информираат од ЦУК.
Инаку, освен оваа пријава на бројот за итни случаи 112, вчера имало уште 1 647 повици, од кои, како што информираат од ЦУК, реални биле 37,95 отсто. Најголем дел од повиците биле за Итната медицинска помош и за полицијата.