По зимските месеци кога детските клиники беа полни поради грип и респираторни заболувања, ситуацијата во последно време е помирна. На Клиниката за респираторни заболувања во Козле продолжуваат бројните прегледи на деца поради сезонски алергии, астма и бактериски инфекции.
Во меѓувреме, во Клиниката за детски болести, во последните три недели има намалување на бројот на пациенти со симптоми на грип, додека најчести случаи биле цревни инфекции, повраќање и дијареја.
„Има поединечни случаи на пациенти со респираторен синцицијален вирус изолиран кај најмладата популација – новороденчиња и доенчиња. Сепак, пациентите со гастроинтестинални проблеми – цревна инфекција, повраќање, дехидратација – продолжуваат да доаѓаат во нашата итна служба. Дел од нив се хоспитализирани поради дехидратација и добиваат соодветен болнички третман. Кај поголемиот дел од пациентите е изолиран позитивен причинител на дијареја, но има и случаи на бактериски инфекции“, велат од Клиника за детски болести.
Лекарите апелираат за зголемена внимателност во овој период од годината кога има промени на временските температури. Исто така, не треба да се занемаруваат симптомите на сезонските вирози.