Home » Сите се за укинување на „пржинската влада” и за една изборна единица, ама не се гласа

Сите се за укинување на „пржинската влада” и за една изборна единица, ама не се гласа

by Журнал.мк

Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ вчера во Собранието го достави најавуваниот предлог за укинување на 100 дена „пржинска влада”, пред одржување на парламентарни избори со цел, како што велат од партијата, во услови на сеопфатна криза да не се губи време, зашто таква техничка влада и онака нема моќ за значајни одлуки.Од партијата бараат веднаш потоа да се организираат брзи избори. Партиите од владејачкото мнозинство се согласуваат дека е потребно укинување на „пржинската влада”, но, нагласуваат дека за тоа е потребен консензус меѓу партиите. За постигнување консензус има време, велат оттаму, бидејќи предвремени избори нема да има, туку редовни во 2024 година.
Истото се однесува и на предлогот на помалите политички партии за една изборна единица.

„На Македонија веднаш ѝ се потребни итни предвремени парламентарни избори. За таа цел пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата поднесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Влада. Со овој Предлог на закон, ние бараме бришење на одредбите од законот за начин на избор на влада кои предвидуваат 100 дена пред одржувањето на парламентарни избори да се избере нова, преодна влада“, изјави вчера координаторот на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски откако го достави предлогот до Собранието.

Во овој момент кога се актуелни неколку кризи и кога, како што рече, владее општ хаос во државата, „Македонија не смее и не може да губи ниту ден, а не пак 100 дена техничка влада која нема да реши ниту еден од проблемите со кои се соочуваат државата и граѓаните”. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата очекуваат овој pредлог-закон да биде ставен како точка на дневен ред на 61. седница на Собранието која треба да се одржи утре.

„Брзите предвремени избори се неопходност за државата. Ниту новиот премиер, ниту ова мнозинство има кредибилитет од граѓаните после резултатите од последните локални избори. Анкетите и анализите коишто ги прават и тие самите покажуваат дека граѓаните не им веруваат на ова мнозинство, дека единственото барање односно желба за останување на власт е да продолжат да лажат и да крадат од граѓаните. Затоа ние бараме брзи предвремени избори“, рече Мицевски.

Предлогот доби поддршка и од пратениците на движењето Беса, а партијата, исто така смета дека веднаш треба да се одржат предвремени парламентарни избори.

„Владата на Република Северна Македонија и сегашното мнозинство секојдневно докажуваат дека немаат капацитет да ги водат државните институции. Секое пролонгирање на оваа нестабилна состојба може да има големи последици и политички но и за економијата на земјата. Иницијативата за промена на законот за влада, односно бришење на деловите од законот за техничката влада како чекор пред парламентарните избори е многу битно и секако ќе ја има поддршката на пратениците од движењето Беса“, посочија од партијата.

Потенцираат дека за да се обезбедат стабилни институции, политичка стабилност и конкретни чекори за економско закрепнување, неопходно е земјата да оди на предвремени избори.

„Го потврдуваме нашиот став дека на државата и се потребни стабилни институции, политичка стабилност и конкретни чекори за економско закрепнување. За да се обезбеди тоа, повеќе од неопходно е земјата да оди на предвремени избори, затоа укинувањето на процедурите за техничка влада е чекор за забрзување на излезот на земјата од кризата што ја зафати и преку одржување на предвремени избори што е можно поскоро како единствено решение кое ќе донесе политички промени и ново мнозинство, стабилно и со јасна визија за иднината на државата, што оваа власт и мнозинството СДСМ-ДУИ немаат капацитет да го обезбедат“, велат од Беса.

Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија сметаат дека какви било измени на Законот за влада треба да бидат усогласени меѓу четирите најголеми партии во Собранието. За тоа, нагласуваат, има време, бидејќи предвремени избори нема да има, туку редовни во 2024 година. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ бара укинување на „пржинската влада”, според СДСМ, говори за тоа дека државата денеска е способна да спроведе фер и демократски избори.

„ВМРО-ДПМНЕ беше против укинувањето на техничката влада откако ги изгуби изборите во 2016 година, иако таа требаше да биде само за тие избори. Добро е што сега ВМРО-ДПМНЕ по толкав период признава дека нашата држава има институции кои можат да спроведат фер и демократски избори и за разлика од 2016 година кога државата беше категоризирана како заробена, денеска е држава која може да спроведе фер, демократски и слободни избори признаени од сите“, изјави координаторот на СДСМ Јован Митревски.

Тој појасни дека во врска со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на „пржинската влада” СДСМ спори две работи – прво спорен е начинот на кој е доставен предлогот, односно не се консултирани другите партии. – Според Пржинскиот договор за какви било измени на Законот за влада треба да има консензус меѓу четирите најголеми политички партии во Собранието, а не на ваков начин со еднострано изразена волја на една партија, рече Митревски.

Втор спорен момент, како што рече тој, е тајмингот на поднесување на овој закон.

„Сите знаеме дека предвремени парламентарни избори нема да има. Ќе има редовни избори во 2024 година и фактички има време четирите најголеми политички партии да дискутираат и да имаат политички консензус по однос на техничката влада“, рече координаторот на СДСМ.

И ДУИ смета дека какви било промени на Законот за влада заради укинување на „пржинската Влада треба да се направат во согласност со најголемите политички партии. Од партијата велат дека постои начелен договор за укинување на оваа техничка или пржинска влада, но, оти предлогот треба да биде по постигнат консензус за таквото решение. За таков консензус има време, велат од партијата, оти предвремени парламентарни избори нема да има, туку редовни во 2024 година.

Предлогот, како што појасни Арбр Адеми од ДУИ, го добиле во понеделникот на координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери.

И ДУИ како и СДСМ, смета дека предвремени парламентарни избори нема да има.

„Ние избравме Влада, максимално и даваме поддршка на Владата. Парламентарните избори се предвидени во 2024, така што ние сме концентрирани на реализирање на владината програма. За таа програма дадовме доверба, гласавме и за кадровските решенија, но и за програмските определби на Владата, така што максимално сме фокусирани на политиките, на мерките и проектите кои се предвидени во владината Програма“, рече Адеми.

Опоизиската Алијанса за Албанците, најави дека го разгледува Предлог-законот со кој треба да се укине „пржинската Влада” и оти дополнително ќе се произнесат дали ќе го поддржат.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk