Home » Сите пратеници земаат плата од Собрание дури и ако не се откажат од министерските функции

Сите пратеници земаат плата од Собрание дури и ако не се откажат од министерските функции

by Журнал.мк

Министрите и другите избрани и именувани функционери што станаа пратеници ќе земат плата за првите 27 дена од мај од Владата, а за преостанатите 4 дена ќе земат пратеничка плата. Така се регулира преземањето на функционери и на сите други вработени од една во друга институција, без оглед на тоа кога ќе биде поднесена одјавата и пријавата. Агенцијата за вработување не дава информации за колку новоизбрани пратеници тоа е веќе регулирано бидејќи се работи за доверливи податоци.

Но, ќе мора да ги сподели со Антикорупциската комисија која има намера и фактички да утврди неспојливост на функциите. За паралелно извршување две функции казната е 300 до 500 евра.

-ВО ПЕРИОДОТ ПОЧНАВМЕ АКТИВНОСТИ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ПОДАТОЦИ И ИНФОРМАЦИИ ВО ОДНОС НА ПРЕСТАНОК, ОДЈАВА, ПРИЈАВА ЗА ОВИЕ ИЗБРАНИ И ИМЕНУВАНИ ЛИЦА. ПО ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО НА КОМПЛЕТНАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА И НЕЈЗИНА АНАЛИЗА, ЌЕ ПОСТАПИМЕ СОГЛАСНО НАШИТЕ НАДЛЕЖНОСТИ УТВРДЕНИ ВО ЗАКОНОТ, НИ ИЗЈАВИ ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ДКСК ТАТЈАНА ДИМИТРОВСКА.

И Уставот и неколку клучни закони нагласуваат дека извршувањето на функцијата пратеник е неспојлива со било која друга. Сепак, премиерот Талат Џафери и министерот Илир Демири најавија дека нема да се повлечат од Владата а ќе ги замрзнат обврските во Собранието.

Претстојниот мандатар Христијан Мицкоски се согласува дека се работи за сива зона во која Талат Џафери истовремено е и премиер и пратеник, исто како што во 2020-та бил Оливер Спасовски а во 2017-та Емил Димитриев. Има намера да се најде законско решение што поскоро.

Опозициската „Левица“ не е толку толерантна. Писмено побара спикерот Африм Гаши на првата седница да констатира престанок на мандатот на Талат Џафери поради неспојливост на функциите премиер и пратеник. Доколку не го стори тоа, најавува кривична пријава против Гаши за „несовесно работење во службата“ а можеби и интерпелација. Ќе поднесе и претставка до Антикорупциската комисија.

Кабинетот на спикерот потврдува дека не постои законска одредба што го уредува функционирањето и престанокот на мандатот на Владата во периодот од конституирање на Собрание до избор на нова Влада. Но, Гаши уверува дека ова Собрание останало конзистентно со претходните случаи со изјавата: „Владата да ги врши само неопходните функции до изборот на нова Влада, за да обезбеди континуитет, уредна транзиција на власта и продолжување на виталните функции на владеење без било каков престанок“.

Техничкиот премиер и избран пратеник Талат Џафери денеска одби да одговори на овие прозивки. Само укажа дека ова прашање се провлекува веќе 30 години.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More