Динамичен спој на искуството на професионалните музичари од Националниот Џез оркестар и новите музички надежи од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез академијата во Штип, ќе понудат оригинален концертен настап на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје, утревечер, на 8-ми октомври со почеток во 20 часот.
Овој несекојдневен концертен концепт ќе понуди иновативни аранжмани со разнородни џез композиции, во кој младите џез таленти ќе имаат можност да го покажат најдоброто, рамо до рамо со професионалните џез музичари.
„Водејќи се од идејата дека имаме плодна почва за создавање на нова генерација расни џез музичари кои ќе го продолжат континуитетот на врвна професионалност на Националниот џез оркестар, сакаме да им дадеме можност на младите колеги конечно да застанат на голема сцена заедно со нас.“, велат од НЏО.
Ентузијазмот на младите таленти ќе даде посебна возбудлива нишка на овој концерт, кој воедно е најава и за идни, слични настапи. Оваа млада генерација на џез уметници ќе генерира нова млада публика, и ќе продолжи да ја негува џез културата која има блескава традиција во нашата држава.
„Ова е ретка можност и скапоцено искуство за нас младите џез музичари. Ќе го дадеме најдоброто од себе“, велат младите музичари кои со денови се подготвуваат за концертот во МНТ.