Земјотрес со интензитет од 6,3 степени според Рихтеровата скала го погоди денес брегот на Еквадор, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC), при што се оштетени зградите во градот Есмералдас и привремено е затворен дел од нафтената инфраструктура.
Земјотресот се случил на длабочина од 23 км, соопшти EMSC.
Владата во прелиминарен извештај објави дека едно лице е повредено и дека неколку јавни згради и приватни домови се оштетени. Поради земјотресот, во некои области е прекинато снабдувањето со електрична енергија.
Претседателот Даниел Нобоа напиша во објава на социјалната платформа X дека владата работи на изградба на засолништа, доставување хуманитарна помош за децата и „помош со сè што му е потребно на населението“.
Државната нафтена компанија „Петроеквадор“ објави дека ги прекинала операциите во рафинеријата „Есмералдас“ и нафтоводот „СОТЕ“ како мерка на претпазливост по земјотресот, без да објави детали за потенцијалното влијание врз производството.