Јас сум должна да го почитувам Уставот, ветото на Законот за заштита на децата не беше за да навредам некој јазик, порача претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова. Вели таа не била законодавец да предложува решенија, ниту Уставен суд да ја оценува уставноста на законот со одлуката да не го потпише указот, туку само упатила повик уште еднаш да се разгледаат спорните членови 9 и 10.
-Ниту сум имала намера, ниту некогаш ќе направам такво нешто да употребам вето за да навредам некој јазик, никогаш. Ниту пак сум се водела од партиски совети. Реков, секогаш мислам дека почитувањето на Уставот и законите е основна обврска на секој од нас, впрочем и јас сум должна да го почитувам Уставот и законите, изјави Сиљановска Давкова.
Владата ги прифаќа сугестиите од Сиљановска Давкова и ќе ги промени спорните делови од законот. Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека членовите 9 и 10 се спротивни на Уставот и законот за јазици и со корекции ќе бидат назад во Собранието.
-Мислам дека е рутина и формалност, ќе бидат коригирани и ќе бидат согласно Уставот и согласно законот за јазици ќе бидат повторно вратени во парламентарна процедура, очекувам успешно усвојување. Се знае службен јазик на целата територија е македонскиот јазик, но сите оние кои што во случајот Албанци, ќе сакаат, ќе побараат и на албански да биде формуларот за полагање и лиценцата, ќе биде тоа се прецизно формулирано согласно Уставот, изјави Мицкоски.
Сиљановска Давкова дополнува дека таа само укажува, а не суди и носи конечна одлука.
-Уште еднаш да се размисли дали можеби ваквиот начин на полагање и добивање со лиценца нема да внесе или отвори простор за дискреционо овластување. Значи, повторувам интерпретацијата на законите, на нормите може да биде уставна и научна, никогаш не партиска. Значи не сум јас пристрасната, туку партиите, изјави Сиљановска Давкова.
Според Законот за Собрание, ако шефот на државата одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, законодавниот дом повторно го разгледува во рок од 30 дена од денот на неговото донесување. Ако при повторното разгледување биде изгласан со најмалку 61 глас, независно дали притоа ќе ги земе предвид укажувањата на Сиљановска-Давкова, таа е должна да го потпише указот за негово прогласување.