Швајцарија е прочуена по своите драконски парични казни. Постојано има нови рекорди. Новиот рекордер е еден добростоечки возач што се „залепил“ за автомобилот пред него.
Кога со автомобил се патува низ Швајцарија, мора строго да се почитуваат сите правила. Конфедеративците не знаат да простат, кога некој ќе погреши. Земјата е посебно прочуена по драконските парични казни при пречекорување на дозволената брзина. Но, и другите видови прекршоци можат да доведат до огромни казни.
Швајцарските медиуми известуваат за случајот со милионерот што возел преблиску до автомобилот пред него и кој сега ќе плати голема казна за тоа. Рекордната казна му е дури и намалена од таа што требало да ја плати првично.
Возачот на возраст од 58 години, во март 2023 година премногу се приближил до возачот пред него, на патот А1 во близина на Келинен, во кантонот Аргау. Постојат и докази за тоа.
Правилото во Швајцарија е да се одржува растојание од „половина тахо“
Државното обвинителство го товари човекот дека грубо го прекршил правилото за одржување минимално растојание при брзина од 110 до 120 километри на час. Полицијата располага со видео снимка за возење во траење од 2,4 километри, при коешто растојанието изнесува меѓу осум и дванаесет метри. При таа брзина е пропишано да се одржува растојание од најмалку 60 метри, односно „половина тахо“.
Во првото рочиште, на возачот му била изречена казна, за што тој поднел жалба. Судот го прогласил за виновен и на милионерот му била изречена условна парична казна во висина од 50 дневници од по 1.970 франци, односно вкупно 98.500 франци. Тоа се околу 105.000 евра.
Оваа сума е пресметана врз основа на приходите на Швајцарецот, што годишно заработува 1,7 милион франци. При потешки прекршоци, Швајцарија повеќе нема фиксно одредена глоба, туку се раководи според приходите на прекршителите.
Станува збор за условна казна. Милионерот ќе ја плати изречената казна доколку во следните две години повторно направи сличен прекршок. Тој сепак мора веднаш да плати казна во висина од 15.000 франци (16.000 евра), како своевидна опомена.
Милионерот поднел жалба поради тоа што полициските службеници пропуштиле да му ги соопштат правата. Тој навел и дека не сметал оти возачот пред него ќе запре одеднаш и неговиот автомобил со спортски сопирачки ќе запре нагло.
Ниту во второто рочиште, судот не ја прифатил верзијата на „насилникот“. Судот ја смалил висината на казната на 10.000 франци, но не ја сменил и условната парична казна што е десетпати поголема од тоа и престои за плаќање доколку прекршокот се повтори во следните две години.
Остануваат уште две можности за 58-годишникот. Тој може да ја прифати казната и да плати глоба, а може и шест дена да одлежи во затвор, или случајот може да се предаде на Швајцарскиот Сојузен суд. Во меѓувреме, судските трошоци достигнаа 5.000 франци.