Home » Што откри конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ?

Што откри конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ?

by Журнал.мк

Познатите вмровски фигури од пред десетина години се појавија заедно во јавноста. Луѓето и партијата се собираат заедно кога мислат дека власта е на дофат.

Собирите, како што беше конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ минатата сабота за избор на кандидат за претседател на државата, може да откријат многу нешта. И да се потсетиме на некои лица кои беа „команданти“ на многу процеси во државава до пролетта 2017 година.

Сегашново раководство на ВМРО-ДПМНЕ постојано тврди дека партијата е при крајот на својата регенеративна фаза, дека раководството е освежено со млади кадри, дека разбрало оти некои моменти од неговото владеење сѐ уште се споменуваат како особено мрачни моменти во македонската независност.

Но кога се во прашање избори кои се со голем влог и по кои партијата верува дека повторно ќе го преземе раководењето со државата, тогаш треба да се претстави заедништвото, помирување со сите што можеби мислат поинаку и враќањето во јатото треба да биде лежерно, како природен процес. Се разбира, не беа сите делегати на конвенцијата. Најголем дел од нив беа гости, но нивното појавување треба да покаже дека работите во партијата конечно се смирени.

Фотографијата од конвенцијата на која стојат еден до друг Емил Димитриев, Трајко Вељаноски, Зоран Ставрески, Борис Змејковски, Илија Димовски и Владимир Пешевски, е навраќање на едни години, на кои вмровското ткиво сака толку многу да се сеќава, а друг дел од општеството посакува такво владеење никогаш да не се повтори.

Меѓу гостите беше и познатиот енергетски стручњак Константин Димитров, кој постојано е против сите проекти што ги предлага сегашнава влада не само за енергетска независност туку и за енергетска транзиција. Тој е еден од главните заговорници дека странски инвестиции во енергетиката се најмалку потребни, дека државата треба да се погрижи за сѐ.

На конвенцијата можевте да видите и некои од осудените за 27 април. Тие самите за себе се чувствуваат херои, за другите присутни се политички прогонети луѓе.

Расположени може да ги видите и двете познати вмровски фигури од „Љупчовото време“ – Аце Миленковски и Александар Флоровски. До лидерот Христијан Мицкоски беа истите луѓе кои седаеа најблиску до неговиот претходник, Никола Грувески. Тука се Александар Николоски, Антонио Милошоски, Владо Мисајловски… Партијата си ги собира луѓето кога мисли дека власта е на дофат. (Н.В.)

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More