Брачен пар од Штип од семејната куќа четири години нелегално им овозможувал на турски државјани да може да се коцкаат преку интернет. Во шемата биле вклучена и нивната ќерка и уште едно лице кои им помагале да ги исперат така заработените пари, информира обвинителството за гонење организиран криминал, кое ја спровело и предистражната постапка.
Онлајн коцкањето е забрането во Турција, но во Штип има и многу турски студенти. Клиентите морало да имаат турски матичен број.
Обвинителството соопшти дека е отворена истрага против две лица, додека за две други се води скратена постапка. Тие се сомничат за приредување на игри на среќа без лиценца и за перење пари. За брачниот пар ќе биде побаран притвор, а за другите двајца мерки на претпазливост.
Синоќа биле извршени претреси при кои биле запленети златен накит, четири луксузни автомобили, пет моторцикли и еден четирицикл.
„Двајцата сопружници, откако обезбедиле средства и компјутерска опрема, ангажирале лица кои првоосомничената ги обучила за користење на платформа за опслужување на заинтересирани клиенти, а второосомничениот им давал совети и обезбедувал електронска опрема, телефонски мобилни уреди и СИМ картички за вработените, со што дал особен придонес во незаконските дејствија. Со клиентите, кои морало да бидат турски државјани, комуницирале преку апликациите за контакт Skype и Whatsapp нудејќи им поволности за обложување и игри на среќа“, соопшти Обвинителството.
Платформата за коцкање била турска, а клиентите плаќале за услугите во криптовалути. Осомничените ги менувале криптовалутите во долари или евра и ги трошеле, „водејќи луксузен живот иако биле невработени и приматели на социјална помош“, информира обвинителството.