Германскиот канцелар во заминување – Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон вечерва во Берлин изјавија дека Украина може да смета на континуирана воена помош, бидејќи Русија побара „целосен прекин“ на воената помош од Западот.
„Двајцата се согласуваме дека Украина може да смета на нас, дека Украина може да смета на Европа и дека нема да ја изневериме“, рече Шолц.
„Продолжуваме да ја поддржуваме украинската армија во нејзината војна за отпор против руската агресија“, рече Макрон, додавајќи дека најавениот прекин на огнот на енергетската инфраструктура на Украина треба да биде „проверлив“.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска во телефонски разговор со американскиот колега Доналд Трамп изјави дека се согласува со 30-дневен прекин на огнот на енергетската инфраструктура на Украина и „веднаш“ нареди негово спроведување, соопшти Кремљ.
Рускиот претседател побара од Трамп да ја запре помошта од Западот за Украина.
„Руската страна истакна голем број клучни точки поврзани со ефективната контрола на евентуалниот прекин на огнот долж целата линија на контакт, потребата да се прекине присилната мобилизација во Украина и повторното вооружување на украинските вооружени сили“, се вели во соопштението на Кремљ.