Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска допатува во Москва за да се сретне со Владимир Путин во обид да се избегне војна. И тој, како и францускиот претседател Макрон пред неколку дена, одби да биде подложен на рускиот ПЦР-тест за ковид.
Шолц, кој во понеделникот беше во Киев, предупреди дека секој руски напад врз Украина ќе биде проследен со тешки економски последици, додавајќи дека „за територијалниот интегритет на Украина не може да се преговара“.
Канцеларот рече дека ќе ја пренесе пораката од Западот дека тие се отворени за дијалог за безбедносните грижи на Русија, но дека ќе воведат санкции доколку таа ја нападне Украина.
„Подготвени сме за многу далекусежни и ефективни санкции во координација со нашите сојузници“, рече тој во понеделникот.
Германија ѝ е најголем трговски партнер на Русија во Европа и најголем потрошувач на рускиот природен гас.
Шолц е под притисок да се почувствува неговото присуство на меѓународната сцена откако минатата година ја наследи Ангела Меркел.
Шолц одби да направи ПЦР-тест пред состанокот.
Наместо рускиот тест, Шолц одлучил ПЦР-тест да му направи лекар од германската амбасада, што е предуслов за влез во Кремљ на средба со рускиот претседател Владимир Путин, велат извори од германската делегација. Францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела исто така одби да се подложи на руски ПЦР-тест пред средбата со Путин.
Затоа, разговорите на Макрон и Путин се одржаа на маса долга шест метри за да се одржи драстична физичка дистанца. На прес-конференцијата по средбата, Путин и Макрон стоеја оддалечени неколку метри.