Шест пациенти кои беа повредени во пожарот во дискотеката во Кочани денеска се враќаат во земјава од лекување во странство, информира Министерството за здравство.
Пет од нив беа на лекување во Србија, тројца во КБЦ Ниш и двајца на Воено медицинската академија во Белград. Шестиот пациент, се враќа од лекување во Италија.
Како што велат од министерството за здравство и за овие пациенти ќе важат истите протоколи, односно ќе бидат примени во здравствени установи од кои биле испратени и ќе бидат задржани на лекување, согласно повредите.
„Кај дел од пациентите кои се лекуваат во странство има подобрување, а неколкумина се уште се интубирани и во потешка здравствена состојба. Во здравствените установи во државава остануваат 16 пациенти во добра општа состојба, по шест во Св.Наум Охридски и ГОБ 8 Септември и четири во приватните болници“ наведуваат од министерството.
Оттаму додаваат дека и понатаму внимателно ја следат состојбата на повредените пациенти и остануваат во постојана комуникација со медицинските тимови во земјата и странство.