Со iOS 26, macOS 26, tvOS 26 и watchOS 26, Apple планира да претстави нов дизајн за кој се вели дека е инспириран од visionOS, најновиот оперативен систем за Apple Vision Pro.
Со WWDC 2025 конференцијата која се приближува, решивме да погледнеме поблиску кон visionOS и некои од дизајнерските елементи кои Apple можеби ќе ги преземе, врз основа на моментните гласини и протечени информации.
Транспарентност
Внатре во Apple, проектот за редизајн на iOS 26 се нарекува „Solarium“, што ни дава некаква насока за фокусот на Apple. Солариум е просторија целосно од стакло, дизајнирана за да пропушта што повеќе светлина.
Од своето појавување, visionOS користи менија и елементи на интерфејсот кои се транспарентни, бидејќи во AR/VR средина е потребно корисниците да можат што повеќе да ја гледаат нивната околина за да се чувствуваат потопени во искуството.
Транспарентните елементи во visionOS подобро се вклопуваат во позадината, овозможувајќи бојата и светлината од реалниот свет да се провираат низ нив. Лесно е да се замисли како ваквиот тип дизајн би функционирал добро во апликации како Photos, за која веќе видовме макета.
Пловечки менија и навигациски ленти
Пловечките менија и навигациски ленти се совршено дополнување на транспарентноста. Во visionOS, сè буквално „лебди“ во просторот околу вас — без разлика дали гледате преку passthrough камера или во виртуелна реалност.
Во iOS 26, Apple би можел да го реплицира овој ефект преку сенчење и заматување што ќе направи елементите на интерфејсот да изгледаат благо издигнати над позадинската содржина, создавајќи меко и заматено чувство на длабочина.
Во visionOS, алатките често се поставени горе, наместо долу, па можно е iOS исто така да се движи во тој правец.
Заоблени копчиња и елементи на интерфејсот
iOS веќе користи заоблени квадрати и правоаголници за икони, известувања, менија, ленти за пребарување и сите „картичка“-стил интерфејси на кои сме навикнати, но visionOS оди чекор понатаму — сè е уште по-заоблено. Пловечките навигациски ленти во iOS би можеле да бидат со облик на пилула и понагласени заоблени агли.
Во visionOS, иконите на апликациите се целосно кружни. iOS 26 би можел генерално да биде повеќе заоблен, со што ќе се доближи до изгледот на visionOS. Протекувачот Џон Просер тврди дека ќе има опција за кружни икони, но не е сигурно дали Apple би сакал да оди во тој правец, бидејќи Android одамна користи кружни икони. Карактеристичниот „squircle“ досега беше еден од дизајнерските елементи што го издвојуваше iOS од Android.
Стаклен изглед
Со транспарентноста, интерфејсот на visionOS понекогаш изгледа како замрзнато стакло. Дизајнот на WWDC 2025 содржи виножито со ефект на замрзнато стакло и пастелни бои што се менуваат — можеби најава за нов изглед инспириран од „sea-glass“, сличен на она што веќе го гледаме во visionOS.
visionOS користи материјал наречен „glass“, дизајниран од Apple, за прозорци на апликации. Овој материјал овозможува светлина, виртуелна содржина и предмети од околината да се провираат низ менијата и прозорците. Тој се приспособува на бојата на позадината и создава контраст за содржината во апликациите, додека истовремено ја зема предвид реалната околина. Apple би можел да користи сличен дизајнерски материјал и во iOS 26.
Суптилни промени во осветлување
Во visionOS, транспарентните елементи на интерфејсот се во интеракција со светлосните услови во просторијата. Тоа не може целосно да се пренесе на iPhone, но се вели дека iOS ќе добие суптилни светлосни ефекти што ќе ја нагласат транспарентноста и стаклестиот изглед.
Во visionOS, прозорците фрлаат сенки што реагираат на движењето на главата. Тоа не може да се примени директно во iOS, но ефекти на светло и сенка што се менуваат кога го движите iPhone се можни. Всушност, Просер тврди дека копчињата за Фенерче и Камера на Lock Screen имаат сјај кој се менува при движење.
Apple би можел да воведе динамично сенчење во апликациите и кај виџетите, а адаптивните бои би го засилиле ефектот овозможувајќи интерфејсот да се прилагоди на позадината и амбиенталното светло.
Едноставност
visionOS генерално има поедноставен дизајн во Apple апликациите, со повеќе простор меѓу елементите, што овозможува полесна интеракција во AR/VR средина. iOS 26 би можел да воведе поедноставена навигација и менија за почист изглед.
visionOS користи почисти фонтови, подебел текст и зголемена висина на редови, што можеби ќе се преслика и во iOS.
Apple веројатно прави темелна анализа на навигацијата, опциите во менијата и распоредот, бидејќи според Марк Гурман од Bloomberg, еден од клучните аспекти на редизајнот е поголема усогласеност меѓу платформите. Тој вели дека iOS 26 ќе биде „поедноставен за користење, побрз за навигација и полесен за учење.“
Доследност во дизајнот
Редизајнот не се однесува само на iOS 26. Визуелните промени и прилагодувањата во менијата, копчињата и навигацијата ќе се применат и во macOS 26 и, секако, iPadOS 26. watchOS 26 и tvOS 26 исто така ќе добијат освежен дизајн.
Apple сигурно ќе им обезбеди на развивачите нови дизајнерски насоки и ресурси за да го применат новиот изглед и во апликации од трети страни.
Претставување на WWDC 2025
Новиот дизајн за кој веќе подолго време слушаме, ќе биде официјално претставен на главната Keynote презентација на WWDC 2025 конференцијата во понеделник, 9 јуни. Настанот почнува во 19 часот по македонско време, и Apple ќе го пренесува во живо на својот YouTube канал и официјалната веб-страница.
Apple ќе им го понуди новиот редизајниран оперативен систем на програмерите веднаш по настанот, а јавната бета ќе следи во јули. Официјалното лансирање на iOS 26 и поврзаните ажурирања се очекува во септември.