Џеф Закер во средата поднесе оставка како претседател на Си-ен-ен, напуштајќи ја една од најмоќните позиции во американските медиуми, откако призна дека не обелоденил романтична врска со висока раководителка во мрежата.
Ненадејниот крај на деветгодишниот мандат на Закер ја запрепасти неговата редакција и нанесе штета на Си-ен-ен во клучен момент: мрежата воведува стриминг-услуга со високи влогови, а нејзината матична компанија, „ВорнерМедиа“, наскоро треба да биде преземена од „Дискавери инк.“
Закер (56) во средата напиша во меморандум дека врската започнала во текот на интерна истрага за однесувањето на Крис Куомо, водител на Си-ен-ен кој беше отпуштен во декември поради вмешаност во политичките работи на неговиот брат, поранешниот гувернер на американската сојузна држава Њујорк, Ендру М. Куомо.
„Ме прашаа дали сум во врска со мојата најблиска колешка, некој со кој соработувам повеќе од 20 години“, напиша Закер. „Признав дека нашиот меѓусебен однос еволуираше во последните години. Од мене се бараше да обелоденам кога започнало, но не го сторив тоа. Погрешив. Поради тоа сега поднесувам оставка,” напиша Закер во известувањето до колегите, пренесуваат американските медиуми.