Началникот на данското контраразузнавање Ларс Финдсен е задржан во притвор поради вмешаност во случај со протекување на „многу доверливи“ информации, објави јавната телевизија ДР.
Четворица сегашни и поранешни вработени во две дански разузнавачки служби беа уапсени во декември поради објавување на многу доверливи информации. Финдсен е единствениот кој останува во притвор додека трае истрагата.
„Сакам да бидат покренати обвиненија и се изјаснувам за невин. Ова е целосно лудо“, им рече Финдсен на новинарите на сослушувањето каде што се одлучуваше дали Финдсен ќе остане во притвор.
Случајот, за кој властите објавија многу малку информации, се чува зад затворени врати, што значи дека точните наводи и природата на протечените информации не се објавени.
Според телевизијата ДР, која се повикува на неименувани извори, случајот се врти околу протекување доверливи информации за данските медиуми.