Home » Шаќири: За врсничкото насилство не е одговорно само МОН, треба да се вклучат сите институции и родителите

Шаќири: За врсничкото насилство не е одговорно само МОН, треба да се вклучат сите институции и родителите

by Журнал

Врсничкото насилство не е одговорност само на Министерството за образование и наука, туку сите институции треба да се вклучат во превенција на оваа појава, изјави министерот Јетон Шаќири и апелираше до сите институции да се посветат на овој проблем согласно нивните надлежности и до родителите да соработуваат за да има што помалку случаи на булинг.

-Откако го отворивме мејлот, многу случаи од таква проблематика се решени со добра комуникација помеѓу родителите, директорите, претставниците на институциите. Во одредени ситуации не е одговорност само на Министерството за образование и наука, без разлика на моментите кога се случува, туку сите институции треба да се вклучиме во оваа проблематика – изјави Шаќири откако денеска заедно со техничкиот премиер Талат Џафери го посети новоизградениот Студентски дом во Тетово.

Порача Бирото за образование и наука да продолжи со обуки на наставниците на таа тема, општините, како што рече, да бидат повнимателни во менаџирањето на училиштата, а стручните служби во училиштата повнимателно и попосветено да работат на оваа проблематика.

-Но јас ги повикувам и родителите на добра соработка за да имаме што помалку такви случаи. Затоа што сите се во контакт со учениците, почнувајќи од училиштата, но исто така и родителите. Секогаш да пријавуваат тоа што треба да се пријави во училиште, а исто така и во другите институции – додаде министерот за образование и наука.

Министерството минатата учебна година отвори службена е-адреса за пријавување врсничко насилство: prijavinasilstvo@mon.gov.mk и paraqitdhune@mon.gov.mk на албански јазик.

Како што МОН соопшти тогаш, со отворањето на електронската адреса, се воспоставува брз, доверлив и безбеден начин, преку кој учениците, родителите и граѓаните можат да пријават инциденти.

МОН тогаш нагласи дека ваквиот начин на комуникација е „дел од системот за идентификување и запирање на непосакуваните однесувања“ и дека „секоја пријава ќе се истражи и ќе се преземат соодветни мерки“.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More