Поп-ѕвездата Селин Дион објави дека го откажува остатокот од светската турнеја во Америка, поради „сериозни здравствени проблеми“, пренесоа од CNN, со што 16 концерти ќе бидат откажани.
Пејачката објави и официјално соопштение на својот инстаграм-профил во кој ги наведе сите места каде требало да настапува, а сега тие концерти се откажани и во прилог на објавата напиша:
„Мислев дека ќе закрепнам брзо, но не се случи тоа. Докторите ме советуваа да одмарам и морам да ги послушам. Трогната сум од сите ваши храбри зборови што ми ги праќате на социјалните мрежи, ја чувствувам вашата љубов и поддршка и тоа премногу ми значи“ – објави таа.
Пејачката изјави дека закрепнува од тешките и постојани грчеви во мускулите, кои ѝ пречеле за време на настапите. Поради истиот здравствен проблем, таа го откажа и својот настап во Лас Вегас во октомври 2021 година.
Остатокот од нејзината светска турнеја тогаш беше одложен за 12 април годинава, но лекарскиот тим на пејачката одлучи дека целосно откажување е најдобра опција за неа.