Home » Се венчале брат и сестра од Велес, разделени при посвојување

Се венчале брат и сестра од Велес, разделени при посвојување

by Журнал.мк

Околу 90.000 лица од целата земја, родени во изминатите децении, а кои растеле во дом за деца без родителска грижа, или пак биле дадени на посвојување во Македонија, но и во земји во регионот, талкаат во законските лавиринти, во обид да си го дознаат биолошкото потекло. Според Закон за семејство, кај нас податоците од посвојувањето се тајна, и долг и мачен пат минувале сите оние кои решиле да тргнат во потрага по својот идентитет.

Страв од инцест, од наследни болести, неприкосновено право да се знае своето билошко потекло, е она кое го наведуваат како причина поради која ја започнале својата потрага, но постојано наидувале на затворени врати на институциите.

Илија Јовановиќ (45) е човек кој израснал во дом за деца без родителска грижа во Скопје и на свој грб ја почувствувал тежината која ја носат овие деца. Тој веќе со децении наназад се бори за остварување на нивните права. Јовановиќ стои зад здружението ,,Градиме иднина” и започнува проект со кој здружено, сите деца во потрага по биолошко семејство, како и родители кои се во потрага по своите деца, ќе се изборат да се донесат законски измени на темата.

-Нашите закони за посвојување датираат уште од времето на поранешна Југославија, нема никаква промена со децении. Ние ќе бараме да се измени и дополни членот 123 од Законот за семејство, и со тоа лицата без родителска грижа и посвоените деца да можат да го отворат своето досие и да видат кои им се биолошките родители.

Тоа право државата им го ускратила на десетици илјади деца, а со тоа е направена огромна штета. Сегашните закони ги штитат само посвоителите, но не се мисли на посвоените деца, на кои им се ускратило правото да знаат дали имаат сестри и браќа, да знаат кои им се другите блиски роднини, дали има некакви наследни болести во фамилијата.

Стравот од инцест е огромен кај овие лица, а имавме еден таков случај пред околу седум години. Сестра и брат од Велес, кои биле разделени при посвојување, на крај без да знаат, се венчаа во Сиднеј. Кога се откри тајната, тоа беше огромен шок! Зошто овие луѓе мораа да го доживеат тоа? Зошто некој проценил дека е добро да се живее во лага, без право на вистината за своето потекло? – прашува Јовановиќ.

Тој најави состанок во Скопје по околу две недели на кој ќе присуствуваат посвоени деца, но најави и петиција со која ќе бара конечно да се направат законските измени, и во изводот на родените, на посвоените лица да стои и графа за нивните биолошки родители. Исто така, да не се дозволи делење на браќа и сестри при посвојување, како и да не се менува дата на раѓање во извод, и да не се брише вистинското име на посвоените, кои им го дале биолошките родители.

-Ова е битка која мораме да ја извојуваме до крај! Од сите политички партии ќе барам да не поддржат при донесување на законски измени, ќе барам поддршка од сите амбасади, ќе одиме до Европскиот суд за човекови права во Стразбур! Веќе го започнавме проектот, изминатиот период добив толку многу телефонски повици, не само од посвоени деца, туку и од родители кои ги бараат своите деца. Има околу 40 семејства од Македонија кои тврдат дека добиле здрави деца, кои потоа наводно починале во болница, веднаш по раѓање. Тие се сомневаат дека децата им се украдени и дадени на посвојување. Подготвуваме еден вид на датотека, во која ќе се вметнат податоците на сите кои бараат родители, но и на оние кои бараат деца, па да се обидеме со нивно евентуално спојување. Има околу 90.000 такви лица, од годините наназад, па до денес.
Има многу сомнежи дека се правеле незаконски работи кога станува збор за посвојување, дека социјални работници вршеле притисок деца да бидат дадени на посвојување, дека можеби станува збор за земање на мито, скапи подароци.

Она кое е интересно, кога посвоители бараат дете, најчесто се потенцира да биде здраво, не постаро од шест месеци, да не биде од Ромско потекло, до мене доаѓаат сознанија дека посвоители даваат прескапи подароци со цел побргу да добијат дете какво што посакуваат! Тоа мора да се истражи од надлежните органи и да се тргне секој сомнеж, а до посвоителите апелирам, доколку има такво нешто, да прекинат да се однесуваат како да се на пазар!-потенцира Јовановиќ.

За себе, како дете оставено во дом, вели дека е горд што израснал во личност која оформила свое семејство за кое се грижи. Тој е татко на три деца, и работел како хаус мајстор во училиште, но и како пекар втора смена, со цел на фамилијата да и пружи добар живот. Исто така, не ги заборавал и децата од домот, со кои го поминал детството и младоста, и во многу пригоди пружил конкретна помош, затоа што сите биле како дел од едно семејство.

-Јас го знам моето биолошко потекло, мајка ми дојде да ме види во домот кога имав околу осум години. Сега таа е почината. И идентитетот на татко ми го знам, знам низ што минувале тие и поради која причина сум бил одземен и оставен во дом. Го истражувам потеклото на татко ми, кој бил од Србија, а сега е починат, барам блиски роднини од негова страна, братучеди.

Секојдневно наидувам на огромна загриженост од страна на посвоени деца и деца растени во дом токму поради незнаењето на блиските роднини, незнаењето на генетиката и историјата на наследни болести. Тоа мора да се промени, никој не заслужува да живее во таков мрак, и наскоро ќе одржам работни средби со лица од Државен архив и со Народниот правобранител.

Ја започнавме борбата, ќе ја отвориме Пандорината кутија, затоа што секој има право да си го дознае идентитетот. Истражуваме и во други земји какви промени се донесени на оваа тема во последните години, сакаме да искомбинираме, да го земеме најдоброто и да го вметнеме во нашите закони. Очекувам поддршка од сите чинители, институции, политички партии – истакна Јовановиќ.

Во изминативе години „Фокус“ објави повеќе животни приказни на посвоени деца, кои откако станале возрасни личности започнале со потрага по биолошкото потекло. Се објавија и приказни на мајки кои оставиле дете на посвојување, а потоа по долги години решиле да го побараат.

Сите посвоени деца се категорични дека не бараат никакво наследство од билошките родители, туку сакаат да си го знаат потеклото, но и да знаат дали имаат браќа и сестри. Во нашата редакција пристигаат и бројни повици од посвоени деца, кои апелираат повеќе да се пишува за ваквите случаи, со цел да направат законските измени и да си го остварат правото на идентитет, да знаат кои се и од каде потекнуваат.

-Имав убав живот со моите посвоители, ми пружија многу љубов, но сепак сум премногу огорчена на нив, вели наша соговорничка, која дознала дека е посвоена на почетокот на своите дваесетти години. Раскажува дека многу им е лута на посвоителите, кои денес повеќе не биле живи, бидејќи дозволиле таа да живее во лага со години.

-Сите знаеле дека сум посвоено дете, освен мене. Сите блиски роднини, сите пријатели на моите родители, комшии… Само јас не знаев и сум живеела опкружена со лаги. Тоа премногу ме боли. Како можеле сите да ме гледаат во очи и да измислуваат приказни? Зарем не помислиле дека со тоа ми прават лошо? Кога ја дознав вистината беше тоа голем удар за мене. Простив, но не можам да заборавам, колку и да биле тие лаги добронамерни. Сега, повеќе од 20 години трагам по биолошките родители, вели нашата соговорничка.

Наш соговорник пак, кој пред повеќе години се отселил од Македонија, вели дека потрагата по биолошките родители му одзела добар дел од животот, а на крај дошол до сознанија кои уште повеќе го повредиле.

-Дојдов до идентитетот на моите родители, поразително е она кое го дознав. Се работи за лица кои имале ментална попреченост, имам и биолошки сестри и браќа кои исто така страдале од такви заболувања. Голем удар беше тоа за мене, сепак добро е што ја дознав висината, каква и да е. И јас планирам да оформам семејство, историјата на семејни болести секој мора да си ја знае, со цел доколку е можно да превенира некои работи – појаснува тој.

Наша соговорничка пак, која е во своите рани педесетти години и која трага по биолошките родители, вели дека во јавноста многу често погрешно се сфаќа желбата на посвоените деца да го дознаат своето потекло.

-Јавно објавив за мојата потрага и барав помош од јавноста. Наидов на коментари со осуда, на тотално неразбирање на состојбата. Ние не бараме мајка да не заспива, да не гали и негува на овие години! Не бараме да наследиме куќи и имот, го бараме својот идентитет и на тоа имаме апсолутно право, без оглед што некој донел закони со кои ни се нанела огромна штета! Имам право да знам дали имам сестри и браќа, моите деца имаат право да знаат дали имаат блиски роднини. Покрај мене, страдаат и тие, моето семејство заедно со мене минува низ трауми, и нема да се смириме додека не ја дознаеме вистината – раскажа нашата соговорничка од Скопје.

Како што појаснува Јовановиќ од „Градиме иднина“, во 2007 година имало иницијатива да се направат законски измени во овој дел, околу правото на идентитет, но надлежните служби тогаш немале слух за посвоените деца. Сега, вели дека не отстапува од својата битка, а огромната поддршка која секојдневно ја добивал му давала мотив да продолжи и да ги реши овие децениски пропусти на системот.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More