Вработени во Контролата на летање деновиве реагираат дека долгогодишната севкупна негрижа кон оваа важна институција која служи само како место за задоволување на личните интереси на партиски моќници, почнува да се покажува и со уривање на дел од фасадата од зградата на М-НАВ. Станува збор за објект кој е изграден во 1988 година, односно за руинираност на доградба, што само уште еднаш го илустрира односот на надлежните кон компанијата која уште пред повеќе од деценија требаше да добие нов објект кој ќе биде соодветен за одржување на високософитицираната техника како и за непречено извршување на работните задачи со висок степен на тежина од страна на професионалниот кадар, меѓутоа пропаднаа договарањата со италијанскиот партнер од оваа област.
Сега, како што велат нашите соговорници, се чека да биде назначено новото раководство за да почнат а се санираат севкупните состојби во компанијата, но поучени од досегашните искуства со раководствата, стравуваат дека ќе надвладеат повторно тесни интереси и, кога конкретно станува збор за проблемот со фасадата при што може да го загрози здравјето и сигурноста на вработени, ќе се решава со земање кредит за само делумно санирање на проблемот. Велат, кога министрите и премиерите зборуваат за М-НАВ, сакаат да кажат дека таму работат искусни и стручни професионалци што многу добро си ги знаат должностите и обврските, меѓутоа посочуваат дека таквиот однос М-НАВ, една од најбогатите институции во државата со годишен буџет од 22 до 24 милиони евра, да се доведе до состојба да има 15 милиони евра кредитно задолжување!?
Инаку, од фасадата што се распаѓа може да има повредени, а притоа соговорниците посочуваат дека регулативата е јасана: Компанијата е должна на работниците да им обезбеди здрави и безбедни услови за работа како предуслов за брзо, ефикасно и навремено исполнување на работните обврски. Безбедност и заштита при работа е начин за обезбедување заштита на нивното физичко и психичко здравје, како и за обезбедување достоинство и хуманост во работните односи, според законот, правилниците и подзаконски акти.
Македонска навигација М-НАВ АД Скопје е Друштво со двостепено одлучување каде Собранието на акционери и каде Владата назначува тројца членови на Надзорен одбор, кои назначуваат тројца извршни директори со подеднакви права во секторите Воздухопловна навигација, Воздухопловна техника и Финансиско,правно работење и планирање на развојни инвестиции.
Компанијата последните години беше на удар на критики во медиумите поради дубиози во работњето, како и крајно влошените односи кои кулминираа на почетокот од годинава со физички напад во објект од критична важност на М-НАВ, во кој беше инволвиран и Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранокот на тогаш владејачката ДУИ.
Нападот тогаш се случи по прес-конференција на претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), на која тој информираше дека дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација (М-НАВ) се очекува да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција и однесувањето на менаџментот.