Блокади и кај Виница, најавуват тамошните жители, доколку се отвори привремена депонија помеѓу селата Пеклани, Блатец и Драгобраште. Вакви се најавите откако вчера на седница на Совет се изгласа на оваа локација да се депонира нивниот отпад. Денеска Виница го достави барањето до Управата за животна средина , за одобрување на локацијата и доколку добијат позитивен одговор, се очекува најдоцна до среда да се започне со чистење на градските контејнери . Но, според директорот на виничкото комунално претпријатие, проблемот ќе стане уште посесриозен, доколку Управата, даде негативно мислење.
„Не знам на кој начин би се решил проблемот, бидејќи ние и понатаму нема да го собираме отпадот од Виница и околните населени места. Веќе недела дена сме затрупани во ѓубре и така од една потенцијална еколошка бомба како што е во Кочани и сега на секој чекор имаме потенцијални жаришта на заразни болести„ изјави Игор Спасовски директорот на ЈКП „Солидарност„ Виница
Според Спасовски, проблемот ги надминува границите на надлежности кои ги има локалната самоуправа и затоа е потребно да се вклучи ресорното министерство.
„Издавањето на овие решенија за времени локации не е решение. Сепак треба да го следиме проектот финансиран од ИПА фондовите и за кој државата дала гаранција дека ќе се реализира„ изјави Игор Спасовски директорот на ЈКП „Солидарност„ Виница
Веќе петти ден траат блокадите на крстосницата кај селото Бели. Граѓаните и понатаму не дозволуваат комуналните возила на кочанското јавно претпријатие да депонират смет. Во меѓувреме контејнерите во Кочани и Виница кои се преполни и од нив се шири непријатна миризба, преставуват темпирана бомба за ширење на зарази. Од неделата со механизација интензивно се работи на кочанската депонија. Целосно е израмнета и потрупана со над 50камиони земја, а вчера се третираше и со алги, со цел да не се пали ѓубрето.