Се мешаат ли партијата и државата при активностите на заменикот министер за надворешни работи Зоран Димитровски?
Од неговата партија, Демократски сојуз, на први мај преку мејл соопштија дека Димитровски, како функционер, бил во посета на Азербејџан каде се одржале првите политички консултации меѓу двете министерства за надворешни работи.
Дури ден подоцна, МНР на својата веб-страница го објави соопштението, чија содржина е иста како од партиското.
На прашањето зошто јавноста се информира најпрвин од партија за државни активности на Димитровски, а потоа од Министерството, од МНР одговорија дека транспарентноста е меѓу нивните клучни приоритети и тие правеле проценки.
„Министерството континуирано и редовно информира за активностите на министерот, заменик-министерот и државниот секретар – преку различни форми и комуникациски канали, врз основа на претходна проценка и анализа.“, велат од МНР.
Ова не е првпат за активностите на заменикот министер јавноста да дознава од партијата на Павле Трајанов – Демократски сојуз. Од партијата претходно соопштуваа и дека Димитровски учествувал на Самитот на иницијативата „Три мориња“ во Варшава, како и на форум во Софија посветен на евроинтеграциите.
Од друга страна, Етичкиот кодекс за функционерите јасно налага да се одделуваат државните од партиските интереси.
„Официјалните профили на социјалните медиуми на институциите и на носителите на извршни функции се примарен извор за комуникација на владините политики, програми, најави и иницијативи.“
За почитувањето на Етичкиот кодекс е надлежен министерот за правда Игор Филков. Доколку Филков утврди повреда, тој може или да го опомене функционерот или пак да бара и негова политичка одговорност. Засега нема одговор дали во случајов со Димитровски е утврден пропуст. Нема одговор ниту од Демократски сојуз зошто се решиле за ваква практика.