Во сè повеќе европски ресторани, посетителите се соочуваат со ново правило – влез е дозволен само ако планирате да потрошите одреден минимален износ. Иако оваа пракса досега беше ретка, сега станува сè почеста и може да ве изненади веќе на следното патување.
Хрватските медиуми пренесоа искуство од италијански ресторан во Салзбург, каде што на влезот стоел натпис: „Влез дозволен само доколку планирате да потрошите минимум 20 евра по лице“. Две девојки, иако уморни, прифатиле, па по нарачаната пица и пијалак, морале да нарачаат и десерт за да го достигнат бараниот износ. Сметката им изнесувала 53 евра.
Иако вакви натписи сè уште се реткост на Балканот, има случаи кога келнерите дискретно информираат за минимална потрошувачка, особено во луксузни угостителски објекти.
Во Грција, пак, оваа практика одамна е присутна, особено на плажите. За сет лежалки, често не се наплатува кирија, но се бара задолжителна минимална потрошувачка од 5 до 20 евра, што практично функционира како скриен надомест.
Трендот стана појасен кога неколку познати лондонски ресторани почнаа да бараат минимална потрошувачка при резервација. Така, во ресторанот Gymkhana секој гостин мора да потроши минимум 100 фунти (121 евро), во Chutney Mary – 60 фунти, а во ексклузивниот Araki – дури 300 фунти.
Ресторани сè почесто автоматски додаваат и бакшиш – на Азурниот брег, на пример, 15% се додаваат на сметката, а се препорачува и дополнителна благодарност.
Овие промени се резултат на финансиските предизвици по пандемијата, повисоките трошоци и недостигот на персонал. Како што вели еден угостител: „Ако седите цела ноќ со едно пиво – не ве сакаат. Денес, важи правилото: колку повеќе трошиш, толку подобра услуга добиваш.“