Се надополнува списокот за претседателски кандидати за престојните избори откако вчера ВМРО-ДПМНЕ го затвори конкурсот а професорката Гордана Силјановска Дафкова денеска во изјава за медиумите посочи дека ја поднела својата кандидатура но и програма која ќе се базирала на консензус, но и како што порача време е за женска димензија во политиката.
Сепак официјално ВМРО-ДПМНЕ ќе треба одлуката да ја донесе на конвенцијата на 2 март .
Официјална одлука за десетина дена се очекува и од Бихаќка иако се поизбесно е дека во трката повторно ќе влезе актуелниот шеф на државата Пендаровски .
Првиот интегративец Ахмети пак денеска ја најави и кандидатурата на Бујар Османи за шеф на државата но исто така побара претседателот да се бира во законодавниот дом наместо на непосредни избори но предлага и функција заменик претседател на државата кој исто така, би се избирал во Собранието, и тоа со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници и со т.н. Бадентерово мнозинство, односно просто мнозинство од пратениците од етничките заедници.
Слично барање веќе изнесе и Арбен Таравари но без предлог за заменик претседател на држава а зад неговото име на изборите ќе застанат албанскиот опозициски блок односно Европскиот сојуз за промени.
ЗНАМ пак веќе на пресконферанција потврдија дека нивниот претседателски кандидат ќе биде Максим Димитриевски. Веќе извесна е и кандидатурата на Стефчо Јакимовски откако Централниот одбор на партијата ГРОМ синоќа му изгласа поддршка.
Левица пак вчера веќе ја известија ДИК дека со нивниот кандидат за претседател професорката Биљана Ванковска ја почнуваат процедурата за собирање потписи. Меѓу првите своја кандидатура веќе најави и докторот Вело Марковски.
Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници започнува утре, петок, 23 февруари и ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК).
Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.