Home » Сé или ништо во битката за тронот на Бихаќка

Сé или ништо во битката за тронот на Бихаќка

by Журнал.мк

Оние што ќе изгубат во битката за тронот на СДСМ да не добијат ни функционерска „трошка“- предлози на еден од кандидатите за претседател на партијата.

Сé или ништо во партиските структури и државните фотељи, вака кратко може да се опише предлогот на Јован Деспотовски според кој кандидатите за нов претседател на СДСМ, кои ќе изгубат во битката за тронот на Бихаќа, во иднина сами би се откажале од било каква партиска или било каква државна функција.

Со потпишување на такви изјави, кандидатите за претседател на партијата би се откажале од пазарења со кандидатскиот „капитал“ за друга пониска функција во партијата доколку би го поддржале идниот претседател, објаснува Јован Деспотовски кој го поднел предлогот и до партијата.

-Целта е да се избегнат пазарења. Сме имале многу такви ситуации во минатото во кои што волјата на делегатите или волјата на членовите, како и поддршката била користена потоа од одредени поединци и тие да си стекнат подобра позиција во рамки на партиското претседателство. На тој начин се дисторзира целиот процес, се дерогира целиот процес. Така што, целта е доколку сите оние кои што се чувствуваат подготвени, не само да влезат во трката, туку и да го преземат кормилото на партијата до крај, преку една таква изјава јасно да го декларираат кон членовите, изјави Јован Деспотовски кој наредната недела ќе ја поднесе кандидатурата за претседател.

Но, тој е директор на Слободни економски зони-ТИРЗ, а на последните партиски избори изгуби од Ковачевски.

Телма: Вие на претходниот Конгрес бевте кандидат за претседател на партијата. Сега се поставува прашањето, останавте на функцијата, не во партијата туку во државна институција?

-Јас и тогаш не прифатив никави пазарења. И тогаш останав доследен на тоа што го кажав на самиот ден на изборите при презентирањето на резултатите. Дека- нема да прифатам никаква партиска функција. Ниту функција во влада. И останав доследен на тоа. Мандатот кој го имам претходно како директор, професионално настојувам, настојував и настојувам да го работам до крај. И тоа е обврска кон граѓаните кои ме плаќаат, одговори Деспотовски.

Досега само поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска потврди дека ќе поднесе кандидатура, а доколку не ја добие довербата нема да биде дел од партиската структура. Не на медиуми, туку на партиски тела се расправа за предлози, порача Петровска во изјава за Телма.

-Во текот на неделата ќе поднесам и официјална кандидатура согласно Статутот. Доколку не бидам избрана нема да прифатам или да извршувам било каква функција во партиските тела и во претседателството. За предложената изјава лично не сум против и ќе ја потпишам. Но прво ќе предложам дополнување дека доколку некој кандидат не биде избран нема да се кандидира по третпат за партиски претсeдател. Во изјавата треба да стои и дека доколку за било кој кандидат или веќе избран партиски претседател има или се отвори кривична постапка пред институциите, тој или таа ќе си даде оставка за да не ја компромитира партијата. Предлозите од партиските другарки и другарки треба да се разменуваат во партиска комуникација, а не преку медиуми, ни изјави Петровска.

Во игра за партискиот трон, интерес покажа и Стефан Богоев, а се шпекулира дека кандидат ќе биде и екс министерот за здравство Венко Филипче.

Но, официјално не потврдиле, а во партиското седиште досега нема пристигнато ниту една официјална кандидатура за нов лидер на СДСМ. Рокот е до 6-ти јуни, а лидерот ќе се бира последниот ден во месецот на вонреден Конгрес.//TELMA.COM.MK

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More