Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во Стапар. Тој беше македонски диригент и композитор, великан на современата македонска музика. Џамбазов е категоризиран во четвртата генерација македонски повоени композитори.
Музичка академија завршил во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и ревискиот оркестар. Има остварено безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјава и во странство.
Неговиот творечки опус е многу богат. Автор е на голем број детски песни. Иницијатор и долгогодишен диригент бил на фестивалот за деца, „Златно славејче“ во Скопје. Пишувал сценска музика и филмска музика („Мементо“, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“ итн.) и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации“ за пијано и оркестар (1977) и др. Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.
Добитник е на повеќе од 40 награди и признанија во Македонија и Југославија, меѓу кои и државната награда „11 Октомври“ и Наградата „13 Ноември” на Град Скопје.