Home » СДСМ потона во егзистенцијална криза: Кој „јунак“ ќе ја преземе девастираната партија?

СДСМ потона во егзистенцијална криза: Кој „јунак“ ќе ја преземе девастираната партија?

by Журнал.мк

Она што можеби е побитно од кадровското решение е каков концепт и визија ќе понуди за партијата, на која неопходни ѝ се радикални резови и темелен ремонт, за да почне да се враќа на победнички патеки. Во спротивно, ризикува целосен крах!

По дебаклот на двојните избори, Димитар Ковачевски најави внатрепартиски избори на сите нивоа, но не поднесе оставка од лидерската позиција во СДСМ на јасен и недвосмислен начин. Тоа предизвика разни интерпретации, почнувајќи од тоа дека не сакал да ја понесе одговорноста за неуспехот само на свој грб, па завршувајќи со тоа дека можеби не размислува да се повлече, туку да влезе во трка за нов мандат. Што ќе се случи на крај, ќе покаже времето, но неофицијално веќе циркулираат повеќе претенденти за негов наследник, меѓу кои се вбројуваат Зоран Заев, Стево Пендаровски, Оливер Спасовски, Венко Филипче, Петре Шилегов, Стефан Богоев, Јован Деспотовски, Игор Ивановски, Андреј Петров, Гордан Георгиев, Никола Поповски… Во меѓувреме, Славјанка Петровска прва јавно изјави дека размислува да влезе во трка за партиски лидер.

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

По завршувањето на двојните избори, Гордана Силјановска-Давкова беше инаугурирана во нова претседателка на државата, додека опозицискиот лидер Христијан Мицкоски почна првични преговори со ВЛЕН за формирање нова влада, иако сè уште не го добил мандатот како предводник на коалицијата што освоила најмногу пратенички мандати.

Според сите најави и очекувања, Мицкоски ќе успее да формира парламентарно мнозинство со албанската опозиција, на чело со Арбен Таравари, Биљал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити. Двете страни веќе одржаа средби, на кои утврдија дека евроинтеграциите, забрзаниот економски развој и неселективната борба против криминалот и корупцијата ќе бидат главни начела на идната влада.

Уште една работа, која е извесна, но сè уште нема официјална верификација, е дали ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН ќе договорат уште еден партнер, односно дали во владата ќе влезе и ЗНАМ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски. Сите предизборни сигнали одеа во таа насока.

Во меѓувреме, и од ВМРО-ДПМНЕ и од ВЛЕН јавно говорат дека можно е во нивните редови да се преселат и неколку пратеници од коалицијата на СДСМ и од Европскиот фронт на ДУИ. Засега нема потврда на овие тврдења, но ако тоа се случи, идната влада на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ речиси сигурно би контролирала двотретинско мнозинство.

Оттука, горе-долу веќе може да се одреди како ќе изгледа идната влада и што ќе се случува на тој план. Она што е неизвесно и за што има дилеми е како ќе функционира идната опозиција? Односно, дали ДУИ ќе се пресели во опозиција без проблем и дали ќе биде конструктивна? Но, пред сè, што ќе се случува во СДСМ и дали новото партиско раководство ќе успее да ја рехабилитира партијата?

ВТОРО ПОЛУВРЕМЕ

Во текот на предизборието, кулминираше негативната реторика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, со што стана кристално јасно дека постизборна соработка меѓу двете страни е скоро невозможна, а сите мостови беа срушени откако ДУИ се обиде да ги урне претседателските избори преку бојкот.

Сепак, оваа операција не успеа, но тоа му даде изговор плус на ВМРО-ДПМНЕ да се сврти кон албанската опозиција, без оглед што ДУИ тврди дека го има легитимитетот на Албанците и другите „помали“ етнички заедници, бидејќи нивната коалиција освои повеќе гласови и пратеници во споредба со албанската опозиција.

Како и да е, одамна се насетува дека ДУИ спрема алиби, кое треба да им овозможи достоинствена транзиција во опозиција. Всушност, тие се обидуваат да го оттргнат впечатокот дека сакаат да бидат дел од власта по секоја цена и воедно да ја продадат приказната дека сами одбиваат да бидат дел од влада со вакво ВМРО-ДПМНЕ, кое, според нив, ја оддалечува државата од Брисел.

А, како главен изговор за тоа треба да им послужи наводното неприфаќање на нивното барање за изгласување на уставните измени пред формирање на владата. Во такви околности, веќе поплочен ѝ е патот на ДУИ кон опозиција, па сега треба да се приспособи на новата улога и да одбере стратегија на дејствување.

Според една струја во ДУИ, партијата треба да се радикализира, да организира масовни протести и да предизвика нови избори. Други, пак, сметаат дека треба да бидат конструктивни и мирно да ја чекаат шансата на следни избори, бидејќи, според нив, соработката со ВМРО-ДПМНЕ ќе го троши ВЛЕН. Арно ама, спротивната страна има друг есап.

Имено, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН сметаат дека системот што ДУИ го градеше 20 години ќе почне да се руши како кула од карти, откако ќе паднат во опозиција. Оттука, тие планираат на следните избори да му го зададат завршниот удар на ДУИ, од кој практично, наместо да се врати на голема врата, ќе почне борба за опстанок.

Како што е познато, првите следни избори се локалните избори за околу една година, на кои ДУИ ќе се надева дека ќе профитира од незадоволството од учинокот на ВЛЕН во владата со ВМРО-ДПМНЕ, која тешко ќе прави компромиси во поглед на интеграциите и ќе нема слух за други барања на Албанците.

Меѓутоа, предноста на ВЛЕН е тоа што соработката со ВМРО-ДПМНЕ може да им донесе клучна предност во Чаир, Тетово, Гостивар и во други етнички мешани центри, каде што етничките Македонци главно инклинираат кон десницата.

За потсетување, токму со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, градоначалници на Гостивар и на Тетово станаа Таравари и Касами, што особено важи за Тетово, каде што актуелниот градоначалник победи со пресврт во вториот круг, по што кадар на ВМРО-ДПМНЕ стана секретар на општината.

Исто може да биде и на следните избори, па доколку се случи ВЛЕН повторно да ги освои најголемите центри со албанско доминантно население, а ДУИ да остане со неколку периферни општини, тоа ќе биде нов удар за интегративците.

ЦЕЛОСНО КОНСОЛИДИРАЊЕ

Врз основа на тоа, следните локални избори ќе бидат второ полувреме во натпреварот меѓу ДУИ и ВЛЕН, додека во, условно кажано, македонскиот блок, се очекува безмалку симболичен натпревар. По историски најлошиот резултат на изминативе двојни избори, СДСМ моментално не е во кондиција рамноправно да му парира на ВМРО-ДПМНЕ и во тој поглед не се очекува ништо да се промени во догледно време.

Но, следните (локални) избори треба да бидат „огнено крштевање“ на новиот лидер и раководство на СДСМ, откако Димитар Ковачевски веднаш по изборниот дебакл повика на нови внатрешни избори на сите партиски тела и на централно и на локално ниво, почнувајќи од него како претседател, преку раководството, па сè до претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата.

– На СДСМ му е зададен тежок удар. Не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата. Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати. Секако во наредните месеци ќе треба посериозно и подлабоко да го најдеме изворот и причините за овој поразителен исход.

Не сакам да носам избрзани заклучоци и не сакам да посочувам виновници. И јас и партиското раководство имаме одговорност и сите именувани и избрани функционери имаат одговорност вклучително и сите партиски функционери на локално и на централно ниво. Никој реално не е без одговорност и тука ќе мораме заедно да поминеме низ овој процес.

СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре да размисли што направивме и кои се резултатите и слабостите во последните 4 години, можеби и во последните 7 години. И уште поважно, што е тоа што треба да направи за да ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните што ја изгубивме…

Тој процес не смее да биде долг, но никако стихиен или пак експресен. Тоа е процес на длабока промена и консолидација, може да го изведат само оние кои се спремни да се жртвуваат за иднината на партијата и демократијата на државата. Оние кои немаат багаж од каков било вид, особено не такви карактеристики, поради кои граѓаните го испратија СДСМ во опозиција – рече тој.

Како што посочи, ќе биде свикан отчетен конгрес на кој ќе се разгледа изборниот резултат и работењето на партијата за периодот 2020 до 2024 година, а потоа ќе се одредат роковите за избор на претседател и раководство.

– Првиот чекор во консолидацијата на СДСМ мора да биде обновувањето на идеолошката и вредносна матрица, која ќе ги собере сите сили на прогресивната идеја на Македонија на левиот центар.

Вториот чекор треба да биде длабока кадровска промена и создавање силен кадровски потенцијал со вистински социјалдемократи, со вредности и знаења, со мотив и со искреност.

И трето да се реформира организациската поставеност на партијата секако има уште многу елементи, но секако за тоа ќе се разговара во партијата – истакна тој.

Ковачевски додаде дека клучно во овие промени ќе биде целосно консолидирање на СДСМ и враќање на победничките патеки. Но, додека се случува овој процес, тој посочи дека многумина граѓани чувствуваат страв од прекумерната моќ на ВМРО-ДПМНЕ.

– Вистината е дека актуелниот систем во кој живееме води повеќе сметка за ПР-от отколку за суштината. За површината отколку за длабината. И граѓаните со право се незадоволни и не веруваат во ништо. Многуте кризи придонесоа голем број наши граѓани да се иселуваат да се чувствуваат несигурни, обесправени и без верба во својата држава.

Корупцијата на секое ниво, личните интереси, долгата европска интеграција, нискиот просечен раст на економијата од само 1,9 отсто во изминатите 30 години, непотизмот, клиентелизмот, бизнис-интересите, етничкиот професионализам, се само дел од крупните дефекти на системот… – рече тој.

НАЗАД КОН ТРАДИЦИИТЕ

Постизборниот говор на Ковачевски изгледаше многу емотивно, небаре се изненади од лошиот изборен резултат, и покрај тоа што сите предизборни анкети навестуваа убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ, која особено беше јасна по првиот круг од претседателските избори.

Несомнено, Ковачевски и неговите соработници направија погрешни проценки на многу нивоа, а кога се освестија за грешките, веќе беше предоцна.

Прво, ВМРО-ДПМНЕ постојано ја експлоатираше тезата дека ДУИ е главниот партнер во владата, кој патем е извор на криминал и корупција, а СДСМ е спотер и нивни измеќар.

Дека не станува збор за целосна пропаганда, туку дека има и вистинити елементи, потврди самиот Ковачевски, кога веднаш по првиот изборен круг сфати колку е часот и почна да признава дека имал грешки од кадровска природа и почна да го критикува однесувањето на дел од функционерите на ДУИ, како, на пример, играњето фудбал во кабинетот на првиот вицепремиер Артан Груби.

Без оглед на тоа што ветуваше дека тоа нема да се повтори во следниот мандат, веќе беше доцна, бидејќи јавното мислење во однос на оваа тема беше целосно формирано.

СДСМ направи грешка бидејќи го штедеше ДУИ, калкулирајќи дека со нивна помош повторно ќе формираат влада, независно дали ќе победат на избори или не. Сепак, изминативе избори покажаа дека основен параметар што го одредува победникот не е ниту коалицискиот потенцијал, ниту меѓународната поддршка, туку волјата на избирачите.

Второ, СДСМ дефинитивно застрани од традиционалната идеолошка матрица, што беше еден долготраен процес.

Како партија која историски е индоктринирана на антибугарска основа, СДСМ почна да прави лупинг во време на Зоран Заев, кој во обид да ги деблокира интеграциите во ЕУ по експресна постапка, како што го обезбеди членството во НАТО, почна да се однесува полтронски и сервилно кон официјална Софија.

Впрочем, тоа кулминираше потоа, според многумина, понижувачкото интервју на Заев за БГНЕС, кога практично неговиот претходник Бранко Црвенковски го замрзна членството во СДСМ. Во следниот период, Ковачевски малку ја спушти топката, меѓутоа капак на сè беше т.н. француски предлог, кој стана основа за преговарачката рамка за ЕУ.

Еден од условите за отворање на преговарачките поглавја беше внесување на Бугарите во Уставот, што беше дочекано на нож од страна на ВМРО-ДПМНЕ, јавната на бранот на волјата на огромно мнозинство на етнички Македонци кои се противеа на овој чин.

Во тој контекст, дека СДСМ малку застрани од левичарските, асномски и партизански традиции се потврдува растот на ЗНАМ на Максим Димитриевски, кој освои десетици илјади гласови на поранешни социјалдемократи, од кои дел биле незадоволни поради неисполнување на лични апетити, но значаен дел сигурно биле незадоволни од движењето на СДСМ од лево кон центарот, претворувајќи се од социјалдемократска во либерална партија.

Свесен за тоа, Ковачевски по првиот изборен круг почна да говори дека СДСМ е партија наследник на АСМОН, НОБ, Киро Глигоров и сл., но веќе беше предоцна, исто како што беше предоцна и за критиките за кадровската политика и несоодветното однесување на ДУИ.

Конечно, иако Ковачевски не се амнестираше ниту себеси од одговорност за изборниот пораз, сепак, се обиде да ја сподели одговорноста и со неговиот претходник Заев.

Нема дилеми дека изборниот резултат е збир на низа фактори, т.е. на серија политики, одлуки, мерки на СДСМ откако партијата дојде на власт во 2017 година на чело со Заев по што континуирано и систематски губи контингенти на гласови.

Арно ама, Ковачевски сигурно бил свесен во каква позиција и во каков момент го презема СДСМ откако Заев одлучи да се повлече по поразот на локалните избори и буквално да го октроира неговиот наследник.

Едноставно, тој не зел здраво за готово партија што носи силен бренд, партија со големо минато и разгранета инфраструктура, а згора на тоа и партија на власт која автоматски му носи премиерска функција.

Во пакет со тоа, презел обврска да одговара ако партијата потфрли или не успее. Доколку бил против тоа, требало да преземе партија од нула, односно во опозиција, и така да ја гради по сопственик терк.

И на крајот, несериозно изгледа кога партиски лидер во својство на премиер говори за лошите состојби во државата, наликувајќи на политички аналитичар или дежурен критичар.

Тој бил најмоќен човек во државата цели 2 години и имал можност, но и обврска да работи констатираните состојби да се надминат или подобрат.

ОСТАВКА ИЛИ НЕ?

До бескрај може да се потсетува на несфатливиот оптимизам и самоувереност на Ковачевски и неговите соработници дека ќе продолжат да владеат, притоа реферирајќи само на европската идеја и агенда и занемарувајќи ги реформите во администрацијата, образованието, здравството и во други витални области, меѓутоа тоа нема никаква суштинска цел.

Бездруго, работата на секоја партија е работа на членовите на таа партија, но интерес на сите граѓани, па може да се каже дека во интерес на државата и на демократијата е да има барем пристојно силен СДСМ, кој би овозможил баланс на политичката сцена и би бил контролор на ВМРО-ДПМНЕ, која сега има апсолутна власт, а нели, апсолутната власт апсолутно корумпира.

Во таа смисла, се поставува прашањето што ќе се случува со СДСМ во следниот период? Кој има амбиција и желба да ја преземе партијата и дали ќе успее да ја извлече од оваа, слободно може да се каже, егзистенцијална криза?

Во тој поглед, главното прашање што треба да се отвори е дали Ковачевски по изборите поднесе оставка или не?

Всушност, дали внатрепартиските избори автоматски значат дека тој и цело раководство е во оставка, која само не е ефектурирана, бидејќи тоа ќе се направи по заокружувањето на цел процес?

И ако е така, зошто одби директно и експлицитно да поднесе оставка, како што тоа го направи Заев по локалните избори?

Добро упатени партиски извори велат дека очекувањата биле по таков изборен пораз Ковачевски недвосмислено да поднесе оставка, бидејќи тоа би било логична реакција од таков изборен шок.

Покрај тоа, според нив, наместо да се прати порака да не се брза со процесот на реконструкција на партиските органи, требало веднаш да се претстави план со конкретни и прецизни рокови како ќе се одбиваат постапките.

Во недостиг од таква реакција, објаснуваат нашите соговорници, се создава неизвесност и се отвора простор многумина аспиранти за лидерската позиција, но и за други партиски функции, да солираат во партиската база, да видат кампања на своја рака, да склучуваат пактови и сојузи, што во крајна линија може да води до жестоки внатрепартиски судири.

Според дел од познавачите на внатрепартиските прилики, Ковачевски јасно и гласно најавил повлекување, но не сакал директно да даде оставка, бидејќи не сакал цела одговорност да ја преземе на свој грб. Во секој случај, тие сметаат дека неговото повлекување е неминовно.

Сепак, други сметаат дека тоа не е завршена работа. Познавајќи го Ковачевски, велат тие, тој тешко се помирува со неуспех, па не исклучуваат дека неговата суета и его ќе му дозволат така мирно да ја препушти палката и да влезе во историјата како партиски лидер кој го прокнижил најлошиот резултат.

Наскоро ќе биде познато каква ќе биде иднината на Ковачевски, односно дали ќе остане дел од партискиот врв и ќе продолжи да делува како републички пратеник, или, пак, ќе се обиде да ја задржи и лидерската позиција и да создаде лидерски авторитет во опозиција, па потоа да проба да го подобри впечатокот на следните избори.

Можеби тој покажа успеси во кризниот менаџмент како претседател на владата, меѓутоа потфрли во управувањето со партијата. Се испостави дека неговото искуство во корпоративниот менаџмент не носи партиски резултат, бидејќи за тоа треба многу работа со членовите, комитетите, движење на терен и тропање на многу врати.

СКОПЈЕ И ВНАТРЕШНОСТА

Доколку се анализираат изборните резултати и политичките тенденции, се доаѓа до заклучок дека падот на СДСМ е драстично подраматичен отколку растот на ВМРО-ДПМНЕ, но кога ќе се вкрстат овие две криви, се доаѓа до крајниот неповолен резултат за СДСМ. На што се должи тоа?

Меѓу другото, се забележува дека СДСМ е убедлив губитник поради тоа што левите гласови не се на едно купче, туку се расцепкани на повеќе страни, а дел од гласачите се пасивизирани.

Врз основа на тоа, во одредени кругови на СДСМ владее размислување дека следниот партиски лидер не треба да биде хибридно полупартиско и полуекспертско решение, туку класичен партиски кадар со длабоки корени во партиската база и структура.

Само така, велат застапниците на оваа теза, СДСМ може да ја консолидира базичната структура, па дури потоа да тргне во лов за неопределени, неодлучни, разочарани и слични категории на гласачи.

Кога се говори за тврдо партиско решение, во контекст на нов партиски лидер, главно се мисли на долгогодишниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој претходно бил пратеник и премиер, а во СДСМ ги извршувал функциите генерален секретар и потпретседател.

Тој важи за човек со големо влијание меѓу членството, но неговите противници се обидуваат да го оспорат по неколку аспекти.

Според нив, Спасовски е делегитимиран откако дозволил Димитриевски да се отклони од ткивото на СДСМ и прво на локални избори во Куманово да го победи кандидатот на СДСМ, а сега и на парламентарни избори да ја победи пратеничката листа на СДСМ предводена токму од Спасовски.

– Поради стратешка грешка на Спасовски со Димитриевски, за првпат го изгубивме Куманово, а сега имавме лош резултат и во 2 изборна единица – велат противниците на Спасовски, кои уште го критикуваат ексшефот на полицијата поради лошото менаџирање со издавањето на личните документи.

Но, не мислат така поддржувачите на Спасовски…

Како што велат тие, Димитриевски не е грешка на Спасовски, туку политички проект на ВМРО-ДПМНЕ, кои се заслужни за неговата победа во градоначалничката трка, а сега, според нив, го бустирале со екстрагласови во битката за претседател, со цел да го поддржат во битката против СДСМ, но и против Левица.

– Спасовски никогаш не го чувствувал Димитриевски за конкуренција, но бил против неговата кандидатура за градоначалник уште кога победи првиот пат, додека против негова поддршка за втор мандат беше цел извршен одбор на партијата, кој одлучи тогаш да не поддржи и други градоначалници кои работеа спротивно на интересите на партијата – велат партиски извори.

Воедно, тие посочуваат дека СДСМ ако поминал лошо во Куманово, уште полошо поминал во Скопје, каде во некои општини е изедначена до Левица, а некаде со ДУИ.

Главните критики кон Спасовски, доаѓаат од, условно кажано, скопското крило на СДСМ, кое смета дека по Заев следен долгорочен партиски лидер треба да биде од главниот град.

Иако потекнува од Куманово, Ковачевски сите го сметаат за скопски кадар, меѓутоа тој се задржа на оваа функција само 2 години и ако не влезе во трка за нов мандат, тогаш ќе биде запаметен повеќе како технократ кој менаџирал со влада, а не како партиски лидер со идеолошки прерогативи.

Кога се говори за оваа вечна поделба меѓу Скопје и внатрешноста во рамки на СДСМ, се поставува прашањето кој од Скопје би можел да влезе во трка за нов лидер на СДСМ? Кои се неговите предности, а кои слабости?

ПОШИРОК ФРОНТ

Веднаш по изборите, прв кој се јави со критики до партиското раководство и кој побара оставки е директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, кој учествуваше на последните внатрепартиски избори заедно со Ковачевски и Фросина Ременски.

Ако има нешто речиси сигурно во овој момент, тоа е дека Деспотовски повторно ќе влезе во трка за претседател, но дилемата е дали има реални шанси за победа?

Иако му пречат таквите етикети, секогаш Деспотовски важел за кадар близок до поранешната заменик-претседателка, вицеприерка и министерка Радмила Шекеринска.

Но, рака на срце, во овој „табор“ не се сместувал само тој, туку влегуваше и поранешниот министер за информатичко општество, Дамјан Манчевски, кој неодамна ја напушти политиката и се пресели во приватниот сектор.

Денес, може да се слушнат одредени партиски функционери како повторно го споменуваат Манчевски во контекст за иден партиски лидер, но сепак далеку пореална опција е во ваква трка да влезе еден друг член, на условно кажано, истото друштво.

Станува збор за поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, кој остана дел од партиското раководство и по внатрепартиските промени со заминувањето на Заев и доаѓањето на Ковачевски, но не доби државна функција.

Упатените велат дека Шилегов има мерак да влезе во лидерска трка, при што појаснуваат дека погрешно е тој да се третира како човек на Шекеринска или на кој било, туку, според нив, тој би можел да се обиде да формира еден разнолик фронт кој би застанал зад него, составен не само од скопски партиски авторитети, туку и на луѓе од внатрешноста. Дали тоа ќе се случи, останува да видиме.

Кога ќе се вратиме низ времето, ги паметиме неговите прес-конференции како ги разобличуваше злоупотребите на претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, по што однесе убедлива победа во градоначалничката трка во Скопје.

Меѓутоа, 4 подоцна подоцна загуби од Данела Арсовска, што беше последица на генералната политика на владата предводена од СДСМ, но делумно и на однесувањето на Шилегов, бидејќи, меѓу другото, не само што ја потцени Арсовска, туку тоа го направи и за другите противници кои беа координирани против него.

Кога политичар ќе претрпи изборен пораз, тоа противниците го користат против него за да го дисквалификуваат од каква било политичка разврска, меѓутоа минатото покажува дека многумина имале успешна политичка кариера и по порази.

Во таа насока, своевремено и Црвенковски и Љубчо Георгиевски губеле пред да постигнат убедливи победи, а истото може да се каже и за Груевски, кој имаше пораз како носител на пратеничка листа, а потоа нареди најмногу победи.

Дури, и Мицкоски прво загуби како носител на советничка листа во Град Скопје, а потоа загуби и како лидер на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарни избори, за сега да се избори за најубедливата победа од позиција на опозиција.

Затоа, изборниот пораз не мора да биде причина за елиминација од трката за нов партиски лидер ниту на Шилегов, ниту на било кој друг со лидерски амбиции А, еден од нив е уште еден скопјанец, кој во меѓувреме стана поблизок до струмичката фракција, отколку до Скопје.

Се работи за поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кој на последните избори беше носител на пратеничката листа на СДСМ во четвртата изборна единица, каде влегува и Струмица. Тој порано беше и потпретседател на СДСМ, но се повлече заедно со Заев, за сега повторно да влезе во игра.

КОРЕКТНИ ОДНОСИ

Иако не го постигна резултатот што го очекуваше, сепак, Филипче има подобар исход од другите носители на пратенички листи, што, колку-толку може да го смета за одредена сатисфакција.

Но, она што се смета за негова поголема предност е повисокиот личен рејтинг што го има во однос на останатите аспиранти за лидерската позиција во СДСМ. Негова слабост, пак, е тоа што не потекнува од базата, туку важи за надворешно решение своевремено кооптирано од Заев.

Во изминатиот период, Заев и Филипче останаа во одлични релации, па тој се сметаше за струмичкиот фаворит за нов партиски лидер и алатката за преземање или враќање на партијата. Нема дилеми дека и самиот има такви амбиции, но прашање е дали нешто се променило по лошите изборни резултати?

Познавачите посочуваат еден битен момент…

Според нив, речиси невозможно е во трка за партискиот трон да влезат и Филипче и Спасовски, бидејќи низ цел изминат период, Заев и Спасовски задржале коректни однос, иако, за волја на вистината, нивниот однос имал и одредени амплитуди и предизвици.

Кога Заев стана лидер на СДСМ, наследувајќи го Црвенковски, Спасовски стана генерален секретар на партијата и оттогаш двајцата се блиски соработници.

Така, Заев го делегираше Спасовски за министер за внатрешни работи во пржинската влада и долго време остана на оваа функција, а го номинираше и за технички премиер.

Сепак, не течело сè така мазно.

Како што неофицијално дознаваме, откако Заев го информирал Спасовски дека одлучил тој да биде технички премиер, после за истата функција го лиферувал името на Мила Царовска, а во еден момент и на Зоран Верушевски. Дали сакал да го тестира јавното мислење или да испита одредена реакција, тоа му е само нему познато.

Откако Спасовски дефинитивно стана технички премиер, тој прво одлучил да се ослободи од дел од обезбедувачите на Заев од Струмица, кои биле проблематични.

Потоа, сакал да го разреши и тогашниот генерален секретар на владата Драги Рашковски. Сепак, тоа не му поминало, но соработката меѓу нив не одела лесно. На пример, Спасовски одбил да реализира 3 работи кои ги побарал Рашковски, тврдејќи дека се договорени со Заев.

Од тој период, за издвојување е уште една работа, а тоа е најавата на Заев за минимална плата за администрацијата, што не било синхронизирано со владата предводена од Спасовски. За ова недоразбирање имало и нервоза, но на крај се нашло елегантно решение.

Кога овие и ред други работи ќе се земат предвид, можеби ова делумно некооперативно однесување на Спасовски било пресудно Заев да донесе одлука Ковачевски да биде негов наследник на чело на СДСМ, иако давал објаснување дека сакал со човек надвор од најтесното раководство да покаже ширина.

Ако резонот на Заев бил дека Ковачевски, за разлика од Спасовски, ќе му биде послушен, се преиграл, бидејќи односот меѓу нив набргу се наруши.

И покрај сè, Заев не му замерил долгорочно на Спасовски и сметал дека со него е на чисто, додека, од друга страна, ниту Спасовски немал негативна енергија кон Заев.

Затоа, нашите извори сметаат дека тие, ако така одлучат, единствено како блок ќе влезат во игра за партијата, со тоа што Спасовски тешко би влегол во комбинација Филипче да биде партиски лидер, а тој генерален секретар. Многу поверојатна е обратна комбинација – Спасовски лидер, а Филипче генсек.

Освен тоа, во одредени кругови се говори и за опцијата Заев да се врати на лидерската позиција. Тој во неколку наврати вели дека не планира политички камбек. Но, дали можеби стравува од реваншизам од ВМРО-ДПМНЕ, па тоа може да го премисли?

Не е мал бројот на случаи кога многумина велеле дека не се заинтересирани за политички камбек, а сепак тоа го сториле.

Последно, тоа го направи Зијадин Села, враќајќи се на чело на АА по конфликтот со Таравари, што, според одредени информации, е резултат и на неговиот страв да остане на ветрометина, во време на конфликт со дел од подземјето во Струга.

Сепак, многумина истакнати сдсмовски функционери велат дека Заев нема причина за стравување, бидејќи ем нема докази дека сторил нешто нелегално, ем со измените на Кривичниот законик многу потенцијални дела се застарени.

Покрај тоа, не е исклучена можноста тој веќе да си обезбедил привилегирана положба откако стана дел од кампот, заедно со ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција, за спречување на операцијата на ДУИ и СДСМ за враќање на Груевски.

Главно ДУИ, но и дел од СДСМ, работеа на тоа сценарио, со цел да добијат помош од Груевски за уставни измени и да го поделат ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на изборите.

На крајот, планот се изјалови, поради противењето на Врховниот суд да ја помине амнестијата на Ѓорге Иванов, а се смета дека свој удел во тоа имал и Заев.

СТАРИ КАДРИ

Понатаму, во игра за нов лидер на СДСМ е уште еден скопски кадар на СДСМ. Тоа е партискиот потпретседател Стефан Богоев, кој е поранешен градоначалник на Карпош и актуелен директор на Царинската управа. Кај него има такви амбиции, но тој би влегол трка ако има поволна констелација.

Во негов прилог оди тоа што е „дете“ на СДСМ и ги минал сите скалила во партиската хиерархија. Прво, се истакна во парламентот и победи во трка за градоначалник на Карпош, а од времето на неговиот 4-годишен мандат не се памети ниту една афера.

Сепак, потоа одби да трча за втор мандат, поради тоа што избегна пораз на негово конто. Сепак, СДСМ изгуби на тие локални избори, а во партијата беше оценето удел за тоа имало и „бегството“ на Богоев.

Потоа, како своевидна казна му беа дадени исклучиво партиски задачи, со оглед дека 2 години чекаше додека добие државна функција како директор на Царината.

И покрај тоа што се обидуваше да изгради рејтинг преку заплените на граница, сепак, на оваа функција е само една година, што е премал период.

Нашите сознанија говорат дека Богоев искомуницирал и со поранешниот партиски претседател Црвенковски. Дали тој му дал поддршка е непознато, но Црвенковски се поврзуваше и со Димитриевски, главно поради тоа што неговиот близок човек Горан Минчев е генерален секретар на ЗНАМ.

Треба да се има предвид дека своевремено адутот на Црвенковски беше довчерашниот претседател Стево Пендаровски, кој исто така загуби на претседателските избори, но освои повеќе гласови отколку СДСМ.

Не е тајна дека Пендаровски има највисок рејтинг од сите што гравитираат околу СДСМ и токму затоа влезе во трка за претседател, но дали тоа е доволно за успешна мисија како партиски лидер?

Кога Црвенковски одлучи да се повлече по поразот на локалните избори во 2013 година, тој за свој наследник го „намести“ Заев, не зашто беше негов поддржувач, туку само што сакаше да му одржи лекција.

Имено, Заев беше еден од оние што го сруши отпорот и концептот на бојкот што го заговараше Црвенковски, па тој му го отстапи лидерското столче за да види дека Груевски не може да се победи на избори.

Првично, Црвенковски успеа да го докаже науменото, бидејќи Заев загуби на следните парламентарни избори, додека на претседателските избори што се одржаа истовремено Пендаровски имаше повеќе гласови.

Тоа беше главниот аргумент зошто Црвенковски порача дека ниту тој, ниту Заев не се решение за СДСМ, туку за лидерската позиција треба да се поддржи Пендаровски, кој во исти услови на режим освоил повеќе гласови.

Сепак, Пендаровски одби да влезе во таква игра, сметајќи дека како човек од надвор не може да води партија, па Заев ја задржа лидерската позиција и останатото е веќе историја.

Дали сега Црвенковски може повторно да одигра со Пендаровски и дали Пендаровски овојпат би прифатил улога да биде спасител на СДСМ?

Ако тоа се случи, Пендаровски ќе треба да биде фигура, додека зад себе мора да направи единствено раководство од партиски тешкаши кои би биле линкот со базата.

Исто така, треба да се посочи дека многу партиски функционери сметаат дека идниот лидер треба да биде лик од партијата, но кој е надвор од актуелното најтесно партиско раководство.

Во таа насока, се споменува Игор Ивановски-Шема, поранешен партиски потпретседател и републички пратеник, кој важеше за кадар на Црвенковски.

Сепак, Ивановски не ја доби поддршката на Црвенковски да биде негов наследник и практично настрада од калкулацијата на Б.Ц. да го изгори Заев.

Во меѓувреме, Ивановски се пасивизираше од СДСМ, но се врати во партијата откако лидер стана Ковачевски, со кого е во одлични односи.

Заедно со Ивановски, Ковачевски на „голема врата“ го врати и поранешниот генерален секретар на СДСМ Андреј Петров, кој стана дел од партискиот Извршен одбор. Во одредени комбинации, и Петров се споменува како можен „спасител“ на СДСМ.

Исто така, како можен кандидат за нов лидер се споменува и Гордан Георгиев, кој беше партиски потпретседател откако Црвенковски се врати на чело на СДСМ, по завршувањето на претседателскиот мандат.

По повлекувањето на Црвенковски, тој го поддржа Зоран Јовановски, кој загуби во трката со Заев и потоа одби да биде негов потпретседател поради тоа што имал сосема различен концепт.

На крајот на оваа анализа ќе споменеме уште едно интересно име што циркулира зад кулисите. Тоа е првиот генерален секретар на СДСМ, поранешен пратеник и министер Никола Поповски, кој одамна не е дел од врвот на СДСМ.

Наводно, тој бил убедувал да влезе во трка за партиски лидер од постари членови и поранешни функционери, бидејќи само некој таков профил може да го извлече СДСМ од калта во која е потонат.

Каков и на крајот да биде изборот на членовите на СДСМ, побитно од кадровското решение е каква визија ќе понуди новиот лидер за СДСМ, на која неопходни ѝ се радикални резови и темелен ремонт, за да почне да се враќа на победнички патеки. Во спротивно, ризикува целосна пропаст!

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More