Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека Владата ќе работи ригорозно, претпазливо, транспарентно и во соработка со операторите за да ја заврши истрагата и да ги утврди причините за прекинот на електричната енергија што ги погоди Шпанија, Португалија и делови од Франција пред една недела.
„Нашата волја е силна. Сакаме да дојдеме до дното на работите за да откриеме што го предизвика овој инцидент, но она што го знаеме е дека Шпанија реагираше како голема земја на непредвиден проблем“, рече тој на отворањето на годишниот состанок на Економскиот круг.
Санчез нагласи дека Шпанија успеала да ја нормализира ситуацијата во рекордно време по инцидентот и дека нејзините граѓани се пример за учтивост, смиреност и солидарност.
„Ниту едно општество во светот не би реагирало подобро од нашето -рече шпанскиот премиер.
Тој додаде дека целта на Владата е зајакнување на електроенергетскиот систем и рече дека тоа ќе го направи „од јавен интерес, а не како одговор на некоја конкретна агенда“.
Тој, исто така, потврди дека ќе се постигне напредок во „фундаменталната енергетска транзиција“ кон зелена енергија, која, како што рече, не само што обезбедува поголема сигурност и конкурентност, туку овозможува и поевтина енергија и ја ублажува заканата од климатската криза, пренесува Танјуг.