Тој кажа дека се надева дека кризата во врска со забраната на социјалната мрежа Икс во Бразил „би можела да го научи светот дека не е должен да ги трпи крајните десничари како Илон Маск само затоа што се богати“.
Коментарот на Лула доаѓа откако бразилскиот Врховен суд во понеделникот едногласно ја изгласа потврдата на забраната на социјалната мрежа Икс, која сега е главно недостапна во најголемата јужноамериканска земја.
Суспензијата за првпат беше наложена во петокот како резултат на одбивањето на компанијата на Маск да се потчини на судските налози кои бараат отстранување на профилите обвинети за ширење дезинформации, како и социјалната мрежа да именува локален правен застапник.
Во Бразил се води дебата за спречувањето на повеќе од 20 милиони корисници на платформата Икс да пристапат до сервисот, а се очекува илјадници поддржувачи на поранешниот претседател Жаир Болсонаро да излезат на улиците утре на протест по повод Денот на независноста.
Маск на утрешниот протест во Сао Паоло ги повика поддржувачите на Икс, со констатација дека Бразилците ќе излезат на „марш за слобода, за да протестираат поради одлуката на судот и да ја бранат слободата на говорот“.
Бразилскиот Врховен суд едногласно ја потврди одлуката на еден од своите судии Алешандро де Мораеш низ земјата да ја блокира мрежата Икс.
Икс ќе остане блокиран во Бразил додека не ги исполни наредбите и не ги плати казните кои минатата недела надминаа три милиони долари.
Де Мораеш одреди дневна казна од 50.000 реали (8.900 долари) за луѓето или компаниите кои користат виртуелни приватни мрежи или ВПН за да пристапат до Икс.