Samsung наводно развива нов телефон на преклоп со поширок формат и сооднос на страните поблизок до таблет уредите, со цел да конкурира на преклопливиот iPhone модел на Apple.
Samsung е во интензивна фаза на подготовки за претставување на целосно нов дизајн на преклоплив телефон, кој би можел значително да го промени начинот на користење на уредите од серијата Galaxy Z Fold. Според информации од индустријата, новиот модел при отворање повеќе ќе потсетува на таблет отколку на класичен Fold телефон.
Се очекува Samsung оваа година да ги претстави моделите Galaxy Z Fold8 и Galaxy Z Flip8, но и дополнителен „широк“ Fold уред кој би можел да биде одговор на идниот преклопен iPhone.

Новиот Galaxy Z Fold добива поширок екран како таблет
Според информациите објавени од познатиот „leaker“ Digital Chat Station, новиот преклоплив телефон на Samsung ќе има екран со дијагонала од околу 7,6 инчи кога е отворен и ќе користи Snapdragon 8 Elite Gen 5 процесор.
За разлика од актуелниот модел Galaxy Z Fold7, кој користи сооднос на страните приближно 6:5 и има речиси квадратен приказ, новиот уред би можел да премине на сооднос 4:3 или 16:10.
Таквиот формат е поблизок до таблет уредите како iPad mini и овозможува подобро искористување на екранот при гледање видео содржини, без големи црни ленти на врвот и дното.
Поширокиот екран исто така овозможува поефикасен мултитаскинг, со повеќе простор за истовремено прикажување на апликации и понапреден распоред на интерфејсот.
Според достапните информации, уредот би можел да има батерија со капацитет од околу 4.800 mAh, што е во согласност со очекувањата за оваа класа уреди.
Причината за ваквиот дизајнерски пресврт најверојатно лежи во конкуренцијата. Сè повеќе гласини укажуваат дека Apple развива прв преклоплив iPhone Fold модел кој ќе користи сооднос 4:3 и ќе понуди искуство слично на таблет уредите.
Со овој потег, Samsung би можел да се обиде да ја предухитри конкуренцијата и дополнително да го унапреди корисничкото искуство кај преклопливите телефони, особено во сегментите на забава и продуктивност.








