Home » Само политиката што остава трајна добробит има вистинска вредност

Само политиката што остава трајна добробит има вистинска вредност

by Журнал.мк

Она што е интенцијата на оваа Влада е да имаме вистинска реализација на проектите на терен и за тоа се прземени активности и се ангажираат надлежните институции. Имаме сега веќе одредени активности и кај оние капитални проекти на коридорите 8 и 10д, се работи на локална инфраструктура, како и проекти кои добија поддршка за реализација преку општините.

Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски во интервју за КУРИР најавува решителен фокус на фискална стабилност, социјална праведност и забрзан економски напредок. Буџетот за 2025 година, поткрепен со повисоки плати, зголемени пензии и историски високи капитални инвестиции, е насочен кон подигнување на животниот стандард и градење на одржлива иднина.

Во истиот контекст, се обезбедува намалување на јавниот долг и рестрикција на буџетскиот дефицит, при што приходната страна расте побрзо од расходната – доказ за дисциплиниран и одговорен пристап.

„Сакам граѓаните да ја почувствуваат промената – вистински, во своето секојдневие, а не само како статистика“, порачува Јанкуловски.

Како ја оценувате економската состојба во земјата и кои се најгорливите предизвици со кои се соочувате?

Економската состојба во моментов во Македонија треба да ја погледнеме во контекст на случувањата на глобално ниво, предизвиците кои доаѓаат од надвор, а при тоа имајќи ги предвид оние трендови на домашен план како позитивни сигнали за излегување од економската стагнација која ја затекнавме по промената на власта. Растот на БДП во 2024 година беше повисок од проектираниот, односно 2,8% наспроти проекцијата од 2,1% и тоа како резултат на забрзување на економската активност во втората половина од годината, особено во последниот квартал со 3,2% раст на БДП. Таквиот тренд очекувам да продолжи и во оваа година. Странските директни инвестиции во 2024 година достигнаа над 1,2 милијарди евра. Индутриското производство по долг период на негативни стапки на раст, почнува да навлегува во позитивна зона и бележи раст, иако е скромен, но очекуваме тоа да се засили имајќи ги предвид инвестициите и проектите што се најавени за реализација. Говорам пред се за јавните инвестиции за кои е обезбеден навистина висок износ на средства и се вложуваат силни напори во нивна реализација на терен. Впрочем, нашиот концепт за економски развој се темели на инвестициите и затоа е даден голем фокус на овој приоритет преку реализација на јавни инвестиции, инвестиции во општините и во приватниот сектор, сето тоа со поддршка од централната Влада.

Кои се главните приоритети во Буџетот за 2025 и како ќе се одразат врз стандардот на граѓаните?

Главните приоритети во Буџетот за 2025 година се внимателното управување со јавните финансии, фискалната консолидација и поддршката на економскиот раст, сè со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните. Буџетот е поставен на основа на одговорна и дисциплинирана фискална политика, што значи рационално трошење и пренасочување на јавните средства кон развојни цели, наместо на непродуктивни расходи. Истовремено, водиме сметка за социјалната димензија и обезбедуваме директна поддршка за граѓаните. Веќе од март 2025 година зголемени плати се обезбедени за околу 90 илјади вработени во јавната администрација. Со тековниот буџет се обезбедија средства за раст на платите во државната администрација, полицијата, здравството, образованието, културата, како и за раст на минималната плата на вработените во јавната администрација. Пензионерите, исто така, поддршка со зголемување на пензиите по 2.500 денари за секој пензионер линеарно, што заедно со зголемувањето од 2.500 денари реализирано во септември минатата година, е значителна поддршка на стандардот на пензионерите. Овие мерки се дел од поширока стратегија – да се подобри куповната моќ, да се обезбеди поголема социјална стабилност и да се поттикне економскиот раст. Подобриот стандард на граѓаните не е резултат само на повисоки примања, туку и на стабилна економија и ефикасни јавни политики. Со ваков пристап, Буџетот за 2025 година не само што е развоен, туку и социјално одговорен.

Како планирате да го намалите буџетскиот дефицит и јавниот долг , а сепак да овозможите економски раст?

Дисциплината во фискалната политика е едниот фактор со кој може да влијаеме на намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг. Така со Буџетот за 2025 година е проектиран буџетски дефицит на 4% од БДП што е за 0,4 п.п понизок во споредба со 2024 година. Јавниот долг на крајот на првиот квартал се спушти на ниво од 57,7% од БДП, што е најниско во последните 5 години. При тоа е важно дека за еден квартал забележа намалување од 4,7 п.п. или во апсолутен износ од 36 милиони евра. Истовремено, преземаме мерки и на страната на прибирање на приходите, со што, исто така, се влијае на нивото на буџетскиот дефицит. Така од почетокот на годината заклучно со 9 мај, а во споредба со истиот период од минатата година има раст на приходите за 10,1%, додека растот кај расходите е 4,7% Ова е и една од главните карактеристики на Буџетот за оваа година, којашто е истакната уште при подготовката и усвојување на Буџетот, дека во 2025 година ќе има поголем раст на приходите, отколку кај расходите. Тоа е еден знак каква дисциплинирана политика водиме, а целиот дефицит и она што го позајмуваме е биде насочено во инвестиции кои ќе имаат додадена вредност и ќе влијаат на забрзување на економскиот раст. Она што е важно дека покрај фискалната дисциплина, до намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг ќе доведат и овие мерки и политики што ги преземаме за поттикнување на економскиот раст.

Дали се очекуваат промени во даночната политика – и во кој правец ќе се движат тие?

Она како Влада што имаме ветено е дека нема да има промени во даночната политика кои значат зголемување на стапките на даноците. Во делот на приходите ние не го гледаме проблемот во стапките на даноците, туку во нивното прибирање, односно постоењето на оној неформален дел. Затоа сите напори и заложби во Министерството за финансии, а преку Управата за јавни приходи, Царинската управа и Финснсиската полиција се насочени кон зајакнување на капацитетите за да се зголеми ефикасноста во прибирање на приходите и даночните и од увозните давачки, како и спречување на евентуални злоупотреби на јавните пари. Резултатите веќе се евидентни кај увозните давачки, каде на почетокот на годината имаме раст од околу 15%, кај даноците и придонесите околу 8%. Така што, би рекол дека промената во даночната политика не би се однесувала на зголемување на даноци, туку на мерки и активности да се наплати она што е во сива зона, а со цел не само поголеми приходи во буџетот, туку да се влијае и на нелојалната конкуренција која од бизнис секторот ја адресираат честопати.

Какви мерки се преземаат за поддршка на домашните мали и средни претпријатија, како двигатели на економијата?

Како што напоменав, инвестициите и поттикнувањето на економијата ни се во фокусот на работењето. Малите и средни претпријатија (МСП) се основен двигател на македонската економија, со клучна улога во вработувањето, иновациите и регионалниот развој. Затоа, поддршката за нив е еден од стратешките приоритети на Владата и е инкорпорирана во Буџетот за 2025 година преку повеќе насочени мерки. Оттука би ја напомнал онаа најзначајна поддршка што веќе се реализира е со средствата од унгарскиот заем во износ од 250 милиони евра. Тоа се средства кои ги овозможивме преку преговори со банките да се пласираат по навистина поволни и атрактивни услови за компаниите, за што и компаниите говорат, а што е видливо и од интересот што го пројавуваат. Веќе се исплатени три транши во износ од 125 милиони евра. Така што тоа е процес кој е започнат и резултатите ги очекуваме во наредниот период. Затоа што станува збор за поддршка со која компаниите ќе реализираат во својот развој што ќе отвори нови работни места и ќе создаде додадена вредност за компанијата и за економијата. Станува збор за еден инвестициски пакет од некаде 300 милиони евра, поддршка директно на домашните компании и домашната економија. Дополнителна поддршка за домашните компании се и активностите коишто ќе се спроведуваат при реализација на проектите од страна на општините, а за кои исто така од истата кредитна линија обезбеди Владата 250 милиони евра. Односно реализацијта на проектите во општините од 250 милиони евра ќе бидат значаен импулс на економската активности на домашните компании. Исто така, преку директна буџетска поддршка, обезбедени се средства за поддршка на МСП. Целта е да се создаде стимулативно деловно опкружување каде малите и средни претпријатија ќе можат одржливо да растат, да отвораат нови работни места и да придонесуваат кон забрзан економски раст. Со ова, ги препознаваме МСП не само како носители на денешниот економски развој, туку и како клучни актери за иднината на националната економија.

Колку се ефективни постоечките механизми за борба против сивата економијата и даночната евазија?

Борбата против сивата економија и даночната евазија останува еден од клучните приоритети за фискална одржливост и праведност во системот. Постoечките механизми покажуваат резултати, но просторот за унапредување останува значителен. Мерки и активности за справување со сивата или неформалната економија има утврдено со Стратегијата за борба против неформалната економија и Акцискиот план. Она што е клучно и она што го работиме во овој период е да ги примениме тие мерки и врз основа на почитување на законските прописи и човечкиот потенцијал којшто ни стои на располагање да се справуваме чекор по чекор со неформалната економиија и даночната евазија. Тоа е прашање кое бара долгорочни решенија, но важно е дека се има сериозен пристап и волја да се справуваме со овој предизвик. За илустрација, како што наведов и претходно ќе напоменам дека тоа се гледа преку растот на прибраните приходи во буџетот и работењето на Царината и Управата за јавни приходи.

Како Министерството ги поддржува капиталните инвестиции и што е предвидено за нив во 2025?

Јанкуловски: Поддршката на реализација на капиталните инвестиции е претставена преку обезбедените средства во Буџетот за 2025 година, кои се на високо ниво од 47,1 милијарда денари. Она што е интенцијата на оваа Влада е да имаме вистинска реализација на проектите на терен и за тоа се прземени активности и се ангажираат надлежните институции. Имаме сега веќе одредени активности и кај оние капитални проекти на коридорите 8 и 10д, се работи на локална инфраструктура, како и проекти кои добија поддршка за реализација преку општините. Од ова што е обезбедено во Буџетот и она што се презема на терен имаме навистина една интензива реализација на проекти. И очекувам во наредниот период тоа да е засили со реализацијата на оној најавен инвестициски план од над 5 милијарди евра.

Во кој степен напредуваат финансиските реформи во контекст на евроинтеграциите?

Финансиските реформи што ги спроведуваме во рамки на евроинтеграциите не се само технички задачи – тие се суштински чекори кон воспоставување на модерен, транспарентен и одговорен систем за управување со јавните финансии, кој ќе биде усогласен со европските стандарди. Еден од најзначајните потези во оваа насока е усвојувањето на новиот Закон за буџети. Тој е основата врз која го градиме новиот систем на долгорочно буџетско планирање – систем што се темели на фискална дисциплина, одржливост и отчетност. Со овој закон, првпат воведуваме јасни фискални правила и поставуваме рамка за поодговорно трошење на јавните средства. Но, она што е особено важно е што неговата имплементација не е само декларативна – туку сериозно се работеше на усогласување на подзаконската регулатива, и во Министерството за финансии се донесоа 17 правилници кои беа дел од Реформската агенда. Токму навременото донесување на овие акти ја позиционираше нашата земја како лидер во регионот – први ги исполнивме условите за ослободување на првата транша од средствата предвидени преку Планот за раст на Европската Унија. Паралелно со тоа, донесен е и Законот за јавна внатрешна финансиска контрола – уште еден клучен сегмент од Поглавјето 32 на европското законодавство. Со него се создава современ систем на внатрешна контрола во јавниот сектор, кој вклучува финансиско управување, внатрешна ревизија и централна координација – систем што гарантира дека секој денар од јавните средства ќе биде оправдан. Секако, остануваат уште активности на кои ќе продолжиме да работиме во периодот што следи – зајакнување на институционалните капацитети, дигитализација на буџетскиот процес и поголема транспарентност во трошењето. Но, она што можеме со сигурност да го кажеме е дека сме на вистинскиот пат. Реформите се движат напред, со јасна насока – кон создавање фискален систем кој ќе биде темел на нашето успешно приклучување кон Европската Унија.

Што е направено во насока на транспарентност и отчетност при трошење на јавните пари?

Сите овие реформи што ги наведов претходно се всушност во насока на поголема транспарентност и отчетност при трошење на јавните пари. Новиот систем на јавни финансии кој базира на Законот за буџети е реформа за поголема отчетност, дигитализација и долгорочно планирање на јавните финансии. Покрај она што се презема во делот на регулативата, се преземаат активности и за воспоставување Интегриран информациски систем за управување со финансии – ИФМИС, кој исто така е дел од реформата на јавните финансии и со кој се дигитализираат процесите, а самото тоа носи поголема транспоареност и отчетност во трошењето на јавните пари. Имено, тој ќе овозможи поврзување на постоечките системи во една централизирана платформа и ќе овозможи автоматска размена на податоци.

Кои конкретни мерки или проекти ги инициравте или координиравте откако ја презедовте функцијата заменик-министер?

Откако ја презедов функцијата, се фокусирав на спроведување на конкретни и резултатски ориентирани реформи. Посебен приоритет ми беше забрзувањето на капиталните инвестиции, преку унапредување на системот за планирање, приоритизација и следење на проекти. Во соработка со Управата за имотно-правни работи**, решивме значителен број предмети за експропријација, со што деблокиравме низа капитални проекти кои подолго време беа заглавени поради имотно-правни пречки. Тоа овозможи динамична реализација на значајни инфраструктурни зафати, со фокус на регионалната поврзаност и економскиот развој. Како позначајни, изградбата на автопатите Битола-Прилеп, Кичево-Охрид, регионалниот Градско-Фариш. Паралелно, го спроведовме усогласувањето на платите во јавниот сектор, со што обезбедивме зголемување за околу 90.000 вработени, а истовремено ја реализиравме и имплементацијата на новиот Закон за буџети, со донесување на 17 подзаконски акти. Со ова, успешно ги исполнивме условите за добивање средства преку Планот за раст на Европската Унија. Работевме и на донесување и спроведување на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, со кој воспоставуваме модерен и ефикасен систем за управување, ревизија и отчетност во јавниот сектор, усогласен со европските стандарди. Со проактивниот пристап во донесувањето на неопходните законски измени, и во координација со НБРМ, Македонија стана членка на SEPA (единствената зона за плаѓање во евра). Членството на земјава во СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и целокупната економија, преку обезбедување побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА, поедноставување на процедурите, поголема транспарентност и засилена заштита на потрошувачите. Сите овие мерки кои ги преземаме, се со јасна цел – да создадеме систем кој е стабилен, ефикасен и целосно насочен кон подобар стандард за граѓаните и побрза економска интеграција со Европа.

Имате ли конкретни резултати од соработката со меѓународни финансиски институции во последната година?

Да, имаме конкретни резултати и значајна динамика во соработката со меѓународните финансиски институции во изминатата година. Како национален координатор за имплементација на развојната стратегија на земјите од Југоисточна Европа, активно работам на усогласување на нашите национални приоритети со европските развојни цели, со фокус на подобрување на животниот стандард и институционалниот капацитет. Во таа насока, успеавме да обезбедиме финансиски грант за нов проект во здравството, кој допрва ќе започне со имплементација. Проектот предвидува современа обука на здравствени работници од одредена специјализација и воведување на современи медицински протоколи, што ќе придонесе за унапредување на квалитетот на здравствените услуги на среден рок. Во тек е и интензивна соработка со ММФ, Светска банка, УНДП и други партнери, кои нè поддржуваат со техничка експертиза, анализи и насоки – особено во доменот на фискалната консолидација, управувањето со јавните финансии и зголемување на буџетската транспарентност. Оваа соработка веќе даде резултати – воведовме нови фискални правила, ја подобривме рамката за капитални инвестиции и го јакнеме системот за среднорочно буџетирање. Сметам дека партнерствата со меѓународните финансиски институции се клучни за успешно спроведување на реформите и забрзување на нашата европска интеграција, но уште поважно – за реално подобрување на јавните услуги и институционалната ефикасност.

Кои се вашите лични цели и визија како заменик-министер до крајот на мандатот?

Како заменик-министер за финансии, од самиот почеток се водам од една јасна цел – институциите да работат поефикасно, парите на граѓаните да се трошат одговорно, а резултатите да се гледаат на терен, не само на хартија. Верувам во политики што носат реална промена – без многу врева, но со многу посветеност. До крајот на мандатот, мојата визија е да ја зајакнеме фискалната дисциплина и транспарентноста, но и да обезбедиме поголема поддршка таму каде што е најпотребна. Интензивно се залагам за брзо и целосно воведување на електронската фактура – алатка што значи побрзи процедури, помалку злоупотреби и поголема доверба. Капиталните инвестиции се мој посебен фокус. Не е доволно само да се планираат – мора да се реализираат. Затоа работиме на зголемување на реализацијата, но и на подобар избор на проекти. Посебно внимание посветувам и на подобрување на инфраструктурата за регионот од кој доаѓам: изградбата на автопатот Битола–Прилеп и проширувањето на делницата кај Плетвар, особено во критичните делови, за да се подобри пристапноста и безбедноста на патот до главниот град. Овие се проекти кои директно го олеснуваат животот и поврзаноста на граѓаните од Пелагонија. Горд сум што и Битола доби конкретна поддршка. Со првиот повик за поддршка на општините финансирани се 17 проекти, а со вториот повик, Битола аплицира со 32 нови проекти во вредност од 830 милиони денари, од кои 707 милиони се предвидени од државниот буџет. Тоа не се само бројки – тоа се училишта, улици, спортски сали, канализации.. Со наредните буџети ќе ја продолжиме оваа значајна поддршка од централниот буџет за сите општини. Ќе продолжиме и со политики за зголемување на стандардот – повисоки плати, покачени пензии, стабилна поддршка за најранливите. Не помалку важно, вложуваме во младите – во нивната вработливост, иновативност и капацитет да останат и успеат тука, во Македонија.

На крајот на мандатот, сакам да можам со чиста совест да кажам дека не сум трошел време, туку сум инвестирал труд во нешто што останува. И сакам граѓаните, особено битолчани, да го почувствуваат тоа – не само преку јавни настапи, туку преку конкретни промени во нивната секојдневна средина.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk