Сајтот на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, кој до сега беше достапен на македонски и албански јазик, од денеска официјално може да се посетува и на англиски јазик.
Според претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, оваа надградба беше планирана уште од претходно со цел да се зголеми видливоста и да се овозможи поширок пристап до ресурсите и активностите на организацијата за читатели и поддржувачи од меѓународната заедница. „Сега нашите активности, проекти и иницијативи може да ги следи многу поголем број на лица, вклучувајќи и оние кои не ја зборуваат ниту македонскиот ниту албанскиот јазик“, истакна Ѓурѓај во изјава за МИА.
Македонското друштво „Илинден“ е основано на 6 февруари 2009 година во Тирана и е регистрирано во Основниот суд со јасна мисија — заштита и афирмација на етничкиот, јазичниот, културниот, верскиот и историскиот идентитет на Македонците во Република Албанија.
Друштвото е активен член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) од 15 мај 2015 година, редовно учествува на конгресите на организацијата и поднесува резолуции за унапредување на правата и положбата на македонското национално малцинство. Усвоените резолуции се доставуваат до албанските државни институции и меѓународни организации, со цел да придонесат за подобрување на условите за Македонците во Албанија.
Со воведувањето на англиската верзија, веб-порталот на МД „Илинден“ сега нуди трилингвална платформа која ја зголемува видливоста на работата на организацијата на глобално ниво и овозможува полесна комуникација со поширока публика од Европа и светот.









