13 C
Skopje
Saturday, May 8, 2021

Руски медиуми: Трамп претера, Америка се радикализира – бумерангот се врати

Најчитани вести

Вашингтон воведе полициски час, американскиот Конгрес речиси едногласно ја верификува изборната победа на Џо Бајден, а Доналд Трамп е подготвен да ја напушти Белата куќа. Немирите, како што поддржувачите на Бајден го нарекуваат упадот во Конгресот од страна на приврзаниците на Трамп, не успеаја, пишува весникот „Росијскаја газета” во врска со настаните кои се случија пред два дена во Капитол Хил.

„Демократите направија се што е во нивна моќ да ја радикализираат Америка. И преземањето на Капитол е нивно наследство, поточно наследство на нивната политичка војна против Трамп”, вели рускиот сенатор Алексеј Пушков за весникот „Известија”.

Индексите во САД и Европа забележаа пораст и покрај немирите во Вашингтон, пишува весникот „Комерсант”, осврнувајќи се и на реакции од политичари низ светот и коментари од странски медиуми. „Политичко самоубиство на Трамп” е наслов на анализа во ова издание на весникот.

Во Кина сметаат дека тоа е одмазда за американските двојни стандарди, а во Европа настаните се нарекуваат „најтемниот ден во историјата на САД”. Набљудувачите сметаат дека Трамп претерал и ќе ја изгуби поддршката и од неговите најверни истомисленици, пишува електронското издание на весникот „Взглед”. Нападот на Конгресот, „сосема ја смени сликата за Америка”, наведува авторот на друг напис во „Взглед”.

Весникот „Комсомолскаја правда” анализира дали Трамп ќе биде „казнет за она што се случи”, особено преку импичмент. Според рускиот весник, тоа е „најсофистицирана опција”, бидејќи „пресудата може да вклучува трајна забрана” за Трамп да заземе федерални функции. На овој начин, политичките елити во САД засекогаш ќе му го блокираат патот кон големата политика, а особено кон претседателската трка во 2024 година, објаснува весникот.

„Новаја Газета” пишува како 25-от амандман од Уставот на САД може да се искористи и да се прогласи Трамп неспособен за извршување на претседателските обврски. Голем број противници на Трамп се сериозно загрижени дека тој може да преземе непредвидливи чекори во последните денови од неговиот мандат, додава весникот.

Според телевизијата Си Ен Ен, Џо Бајден нема намера да бара предвремено отстранување на Трамп од власта, забележува весникот „Московски комсомолец”.

Сепак, „Вашингтон ќе живее во режим на вонредна состојба до инаугурацијата на Бајден”, објави наслов весникот „Независимаја газета”. „Празникот на демократијата заврши”, весникот го цитира коментарот на Константин Косачов, шеф на Комисијата за надворешна политика на рускиот Сенат. САД веќе не можат никому да наметнат курс за демократија – тие го изгубија целото право на тоа, тврди Косачов.

– Америка стави крај на демократијата и тргнува кон диктатура, вели политикологот Сергеј Марков за „Комсомолскаја правда”.

Нападот „покажа дека САД се дестабилизирани и нема да можат да ја избегнат судбината што им се случи на Чилеанците, советскиот народ, на Југословените, Ирачаните, Сиријците (…) Бумерангот се врати”, наведува „Правда”.

Крвавиот напад врз Капитол Хил наликува и на обид за „шарена револуција” и на најава за „црно-бела” граѓанска војна. Трамп дојде како сензација, а си заминува како кошмар, заклучува агенцијата РОСБАЛТ.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести