Русија планира да смисли изговор за да ја нападне Украина, лажно обвинувајќи ја украинската војска за напад врз сепаратистите, кои имаат руска поддршка, велат американските власти. Русија, сепак, вели дека не планира никакви тајни операции „под лажно знаме“.
Русија ги негира тврдењата на американски функционери дека смислува изговор за инвазија на Украина
Русија планира да смисли изговор за да ја нападне Украина, лажно обвинувајќи ја украинската војска за напад врз сепаратистите, кои имаат руска поддршка, велат американските власти. Русија, сепак, вели дека не планира никакви тајни операции „под лажно знаме“.
Една од можностите што Русија ги разгледува е да инсценира и сними лажен напад и ќе бидат прикажани многубројни жртви, според американските власти.
Тие не изнесоа докази во корист на овие тврдења.
Тврдењето првпат беше објавено во четвртокот наутро од Вашингтон пост, кој цитираше неименуван американски функционер што изнел процени на американските разузнавачки служби. Потоа го презедоа и Си-ен-ен и други медиуми. Во четвртокот попладне, портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, рече дека владата ги објавила тие разузнавачки информации. Притиснат од новинарот на Асошиејтед прес да покаже какви било докази за тврдењето, Прајс рече дека неговата изјава претставува доказ и дека е „изведена од информации познати на американската влада, разузнавачки информации што ги декласифициравме“.
Западните земји ја обвинуваат Русија дека префрлила десетици илјади војници на границата со Украина за потенцијална инвазија.
Русија негира дека има такви планови, но бара гаранции за својата безбедност, вклучително и гаранции дека Украина никогаш нема да биде членка на НАТО и дека Алијансата ќе ги повлече своите сили од областа во близина на Русија.