Недостатокот од семенски материјал се одрази врз квалитетот и квантитетото на годинашната реколта на ориз. Оризопроиводителите се жалат дека со години наназад Институтот за ориз во Кочани не произведува сертифицирани оризови семиња, а она што се увезува од Италија и Турција е многу малку, не ги задоволува потребите, но и нема контрола и гаранција дали навистина се работи за семенски материјал.
– Немаме сертифициран семенски материјал, се снаоѓаме на црната берза. Немаме ниту хербициди, увезуваме од Турција од Грција, кој како ќе се снајде и секако тоа претставува проблем. Секако доколку Институтот и државата вложи труд да произведува семенски материјал, тоа за нас би значело поголем квалитет на оризот и поголеми приноси-изјави Стојче Ташовски, оризопроизводител од Облешево
Слабиот квалитет на арпата, значи и понизок рандаман, а тоа пак ја зголемува производната цена, па за земјоделците не останува речиси ништо.
– Не можеме ние земјоделците да работиме за производствена цена. Доколку рандаманот е 40-45% имаме производствена цена. Кај оние земјоделци, каде рандаманот е многу послаб, меѓу кои сум и јас, таму производствената цена е многу повисока. Тоа значи дека немаме доволна количина на арпа, но и таа што ја имаме има слаб рандамана, односно, некаде околу 30 до 35%, додаде Ташовски
Годинава под ориз во Кочанско поле беа посеани околу 4000 ха, од кои се собрани помалку од 20 000 тони арпа, што е скоро за половина помалку од претходните години, кога просечната годишна реколта изнесуваше над 35 000 тони оризова арпа.