Одделот за вештачка интелигенција “DeepMind” разви напреден роботски систем за контрола на раце, кој може да игра пинг-понг на ниво на играчи аматери, во различни начини на игра и сценарија.
Роботската рака со рекет на крајот стана добра во играње пинг-понг како и аматерски играч, велат од одделот за вештачка интелигенција на “Google”, “DeepMind”. Постигнувањето на роботски перформанси слични на човекот во реални услови е крајната цел на многу компании и проекти за роботика, а овој потфат е уште еден чекор во таа насока.
Системот за вештачка интелигенција на “DeepMind”, поврзан со роботска рака од марката “ABB”, „научи“ да игра пинг-понг приближно на ниво на луѓето, на кои им требаат години тренирање за да постигнат сличен квалитет на игра.
“Google” објави и труд за ова, достапен на услугата “Arxiv” и ги сподели со јавноста видеата од „раката“ во акција. Како што се гледа, роботот дава квалитетни удари (форхенд и бекхенд), реагира на „сечењето“ на топката од противникот и го приспособува неговиот удар според неговото вртење, „забива“ високи топки, враќа непредвидливи сервиси, може да враќа топки со помала или поголема оддалеченост од масата, го следи стилот на игра на противникот, па дури и враќа топки, кои го допираат врвот на мрежата во лет и наеднаш го менуваат својот пат.
За време на тестирањето на натпреварите со аматерски пингпонгари, роботот победлил на 13 од 29 одиграни натпревари (45% победи). Во таа прилика тој се соочил со играчи кои не ги „видел“ да играат досега, а тие биле од различни нивоа на вештини, од почетници до оние достојни за аматерски турнири.
Во однос на квалитетот на противникот, роботот ги добил сите мечеви против почетници, 55% од нив против играчи од средна класа, а ги загубил сите игри во кои противникот бил напреден во пинг-понг. Затоа, “DeepMind” заклучува дека покажал солидно ниво на игра, споредливо со човек – можеби сè уште не е подготвен за Олимпијадата, но секако е подготвен за некој рекреативен турнир.