Новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, го избра Роберт Кенеди Јуниор за свој министер за здравство.
Роберт Кенеди, внук на убиениот популарен претседател Џон Ф. Кенеди, беше независен претседателски кандидат додека не се откажа од трката и застана зад Трамп.
Медиумите Кенеди го прикажуваат како антиваксер и е познат по низата контроверзни изјави за здравјето и причините за здравствените проблеми.
По победата на Трамп, тој рече дека никому нема да ги одземе вакцините, туку дека ќе работи на нивната безбедност и ќе им дозволи на Американците сами да носат одлуки за здравјето.
„Предолго, Американците беа скршени од прехранбената индустрија и фармацевтските компании кои се занимаваа со измами и дезинформации кога станува збор за јавното здравје“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Икс“.
„Безбедноста и здравјето на сите Американци се најважната улога на секоја администрација, а Министерството за здравство ќе игра голема улога во обезбедувањето дека сите се заштитени од штетните хемикалии, загадувачи, пестициди, фармацевтски производи и адитиви во храната кои придонеле за масовната здравствена криза во оваа земја“.
„Тој ќе помогне Америка повторно да биде здрава“, рече Трамп во својот победнички говор на 6 ноември.
„Тој сака да прави некои работи, а ние ќе му овозможиме да ги направи“.