Зголемувањето на потрошувачките цени во Турција во декември достигна 36,08 отсто, што е рекорд од септември 2002 година, а е последица на падот на вредноста на лирата, покажуваат денеска објавените официјални податоци.
Оваа инфлација, повеќе од седум пати поголема од првичната цел на владата, се објаснува со падот на вредноста на турската лира за речиси 45% во однос на доларот во минатата година.
Инфлацијата, која во ноември достигна 21,31 отсто на годишно ниво, стана многу бурно политичко прашање во Турција и тоа на 18 месеци од следните претседателски избори, кои се закажани за 2023 година.
Во последните месеци опозицијата го обвини Националното биро за статистика дека намерно ги намалува извештаите за поскапувањето.
За граѓаните во земјава, падот на вредноста на валутата се одразува со скокот на цените, што е тешко да се поднесе бидејќи земјата е многу зависна од увоз, особено од суровини и енергија.
По неколкунеделна историска девалвација, турската лира силно закрепна во средината на декември по вонредните мерки објавени од претседателот Реџеп Таип Ердоган и масивните продажби на резервите во долари, но изминатата недела повторно поевтинуваше во однос на доларот.