Home » Реформи во судството колку да се покажеме примерни пред ЕУ

Реформи во судството колку да се покажеме примерни пред ЕУ

by Журнал.мк

Загрижувачки е што повторно позитивните забелешки се однесуваат речиси исклучиво на промена на законите или на подзаконските акти, нешто со што не сме имале тешкотии, освен кога станува збор за предвидување построги казни за корупција во Кривичниот законик, велат од коалицијата „Сите за правично судење“.

Реформите во правосудството се прават за да ѝ покажеме на ЕУ дека сме примерни, а не затоа што и ние самите веруваме и сакаме подобар судски систем. Вака коалицијата „Сите за правично судење“, невладина организација што континуирано ги следи состојбите во правосудството, го „чита“ последниот извештај за напредокот на земјава што стигна од Европската комисија. Во извештајот добар дел е посветен на тоа дека нема напредок во борбата против корупцијата, но во Брисел се особено загрижени за најавите на власта за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.

Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
За Коалицијата, забелешките во извештајот се сосема очекувани, особено ако се земе предвид дека најголемиот дел од негативните констатации се за прашања и состојби што се провлекуваат со месеци, па и со години.

– Загрижувачки е што повторно позитивните забелешки се однесуваат речиси исклучиво на промена на законите или на подзаконските акти, нешто со што не сме имале тешкотии, освен кога станува збор за предвидување построги казни за корупција во Кривичниот законик. Сепак, остануваат забелешките дека законите не се спроведуваат соодветно. Ваквата состојба е индикативна дека немаме капацитет, или пак волја за да ги надминеме овие проблеми и дека најголемиот дел од реформите ги правиме за да ѝ покажеме на ЕУ дека сме примерни, а не затоа што и ние самите веруваме и сакаме подобар судски систем – велат од Коалицијата за „Слободен печат“.

„Меѓу одредено и умерено ниво на подготовка“, пишува ЕК за примената на правото на ЕУ и на европските стандарди во оваа област и оценува дека генерално е остварен ограничен напредок во зајакнувањето на судската независност.

Во извештајот се најдоа и спогодбите на поранешниот судија на Врховниот суд Наќе Георгиев и на поранешниот член на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети. Иако синот на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, ги пријави дека му барале поткуп, за Стојчев да добие пониска затворска казна за шверц на дрога, сепак двајцата се спогодија со обвинителството. Па Георгиев доби три години затвор и забрана за вршење на професијата, додека Мемети доби само условна казна. За спогодбите се нотира дека во јавноста биле дочекани како млаки за вакви дела на високопрофилирани личности. Тука е и симболичната парична казна за апелациониот судија Енвер Беџети, кој девет месеци го држеше предметот за „Таргет тврдина“ за масовното прислушување.

Брисел загрижен за распуштањето
– Одговорноста за судството треба да се подобри. Одлуката на Судскиот совет да казни судија од Апелациониот суд Скопје наместо да го разреши, за одолговлекување за еден од случаите за корупција на високо ниво на поранешното Специјално јавно обвинителство, нашироко се гледаше како потврда за политичко мешање – пишува во извештајот на ЕК.

Но, главната порака што Брисел ѝ ја прати на власта е дека нејзините најави за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители предизвикуваат „сериозна загриженост“ во ЕК бидејќи ќе ја намалат независноста.

-Најавите на Владата за планови за ‘распуштање’ на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, предизвикуваат сериозна загриженост, бидејќи таквите активности ќе ја нарушат независноста на судството. Зголемениот дефицит на човечки ресурси во судството предизвикува загриженост за влијанието врз квалитетот и ефикасноста на правдата – се вели во извештајот. Според нив, наместо тоа властите треба да покажат прогрес во примената на препораките што до Судскиот совет ги достави Оценската мисија што беше во посета на ЕУ.

На иста линија со извештајот е и претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, која во изјава за „Слободен печат“ вели дека ставовите на Европската комисија се директни и јасни дека секој таков обид ќе претставува нарушување на независноста на судството.

Според Дамева, во извештајот јасно произлегува дека Судскиот совет континуирано ги спроведува препораките на Оценската мисија на ЕУ во насока на успешен реформски процес.

– Во извештајот на Европската комисија се нотирани значајни чекори преку кои Судскиот совет ја зголеми транспарентноста. Истакнати се најважните активности и усвоените документи кои веќе доведоа до подобрувања какви што се видеопренос на јавните седници, побрза оцена на перформансите на судиите, подобро образложени одлуки за именувања, подобрен процес на жалби за судиите незадоволни со нивното рангирање, а воедно се скратени и роковите за завршување на дисциплински постапки – вели Дамева.

Но, она што го истакнува Дамева од извештајот е дека заложбите за независно судство се директно поврзани со парите што се одделуваат за судството, а буџетот за судската власт е трикратно понизок од законски предвидениот буџет за судската власт.

– Воздржаноста на извршната и законодавната власт да доделат соодветни финансиски ресурси и да дозволат нови вработувања го отежнува справувањето со тековните проблеми во судството што пак води до загрозување на квалитетот и ефикасноста на правдата за граѓаните – порачува Дамева.

И покрај јасните пораки на власта, власта не се откажува од оценката дека судско-обвинителскиот систем е заробен.

– Јас сум убеден дека сите пратеници во парламентот ќе гласаат за една таква реформа која е препорака од ЕУ. Доколку тоа не се случи, јас сум убеден дека Владата ќе обезбеди двотретинско мнозинство за една ваква реформа, со која ќе се стави крај на заробениот судски совет и судство и обвинителство кое ја влече правдата назад – изјави Мицкоски, но сепак не кажува каква точно ќе биде реформата.

– Решението е целосна реформа, целосна департизација и на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители и веднаш штом ќе се започнат какви било процедури јавноста ќе биде информирана – велат од Владата за „Слободен печат“.

Пари за реформи
Оттаму повторуваат дека во судскиот обвинителски систем во Македонија е катастрофален.

– Тоа што е пример за заробено судство е денес практично македонското судство. Во овој момент како најсоодветен пример за овие тврдења се наводите со кои се врши брутална партизација на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Дополнително, секогаш кога ќе се отвори темата за распуштање на овие институции, тогаш многумина се загрижени, а преку експерти кои долги години биле послушници на СДСМ и ДУИ, ги бранат позициите дека тоа не може да се направи – велат од Владата за „Слободен печат“.

Препораките на Комисијата од минатата година се само делумно имплементирани и се уште се валидни во голема мера. Ек забележува дека со одлуките на Антикорупциска комисија и на управните судови да се стопира приемниот испит за влез на 130 слушатели во Акедемијата за судии и јавни обвинители до формирањето на новата влада се одложило досега најголемото регрутирање на кандидати на Академијата, иако земјава сериозно се соочува со недостаток на судии и обвинитли. Наместо распуштање се очекува да се донесе закон за судски совет врз основа на препораките на Оценската мисија до јуни 2025 година. Со воведувањето на принципот на реформи за пари, ако земјава не ги исполни препораките нема да може да повлече 105 илјади евра европски пари за исполнети реформи.

Напредок нема ниту во превенцијата и борбата против корупцијата и останува распространета во многу области и е прашање на загриженост иако ова е еден од главните приоритети на новата влада, а најголема забелешка е контроверзното носење на измените на Кривичниот законик со што засатреа многу предмети против актуелни функционери.

-Треба да продолжи проактивно да обезбедува насоки за носење политики за спречување на корупцијата и да работа на инклузивен и транспарентен начин. Нејзините препораки треба ефективно да се следат. За да се подобрат перформансите на ДКСК, Јавното обвинителство, истражните центри и единиците за спроведување на законот сите треба да добијат дополнителни човечки ресурси и финансиска поддршка. Стратешки документи се усвоени и правната рамка за борба против корупцијата е донесена, но треба да се подобри, како во однос на превентивните мерки, така и во однос на спроведувањето на законот, се вели во Извештајот на ЕК.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk