15.8 C
Skopje
12 November, 2025

Мапа

независен информативен портал
spot_img
HomeТехнологијаРЕЦЕНЗИЈА: Galaxy Z Flip 7 – Поголеми екрани, помал смартфон!

РЕЦЕНЗИЈА: Galaxy Z Flip 7 – Поголеми екрани, помал смартфон!

- Advertisement -spot_img
Новата генерација на преклопниот телефон на Samsung донесува поголем надворешен екран, подобра батерија и AI-персонализација, со што Galaxy Z Flip Flip 7 станува најзрелиот и најбалансиран модел досега, иако сè уште со одредени компромиси.
Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ

Samsung со години му пристапуваше на пазарот на преклопни смартфони со извесна доза опуштеност, опиен од недостигот на вистинска конкуренција. Еволуцијата на Galaxy Z Flip серијата Flip, најблаго кажано, беше бавна. Сепак, напредокот е видлив со последните две генерации, а сега новиот Flip 7 изгледа далеку поатрактивно.

Новиот модел сега нуди речиси сè што корисниците на ваквата концепција на преклопни телефони претходно го бараа. Исклучок кој ја нарушува речиси совршената слика е фактот што постариот брат на овој модел, Galaxy Z Fold 7 доби уште поголема надградба, додека Flip е само малку потенок од својот претходник.

Дизајн и куќиште

Samsung е во мисија за намалување на дебелината и тежоната на своите телефони. Иако многумина го критикуваат овој пристап, поради неможноста за вградување поголеми батерии, сметаме дека потенките уреди носат значајна предност. Во случајот на Z Flip 7, уредот е потенок за околу еден милиметар и незабележливо е полесен. Galaxy Z Flip 7 сега има дебелина од 6,5 мм кога е отворен (наспроти 6,9 мм кај претходниот модел) и 13,7 мм кога е преклопен (наспроти 14,9 мм кај Z Flip 6).

Сепак, намалената дебелина е само дел од приказната, бидејќи уредот истовремено стана поширок и малку повисок. Зголемената ширина е најзабележливата промена, која сепак не влијае негативно на ракувањето. Напротив, новиот сооднос на екранот од 21:9 го прави телефонот во отворена состојба да изгледа „покласично“.

Кога е отворен, сè уште има благ набор на средината на екранот, кој може да се забележи кога екранот е исклучен или да се почувствува под прсти само ако намерно го барате, но не пречи при секојдневна употреба – при читање, гледање слики или видеа.

Samsung тврди дека дополнително е унапреден механизмот на шарката, односно преклопниот зглоб. Новиот „Armor FlexHinge“ е потенок и овозможува „поглатко преклопување и подолготрајна издржливост“. Може да остане отворен под различни агли, што овозможува користење на телефонот како статив, односно за снимање фотографии или видеа од поголема оддалеченост.

Сензорот за отпечаток е и понатаму капацитивен, сместен во страничното копче за вклучување. Работи сигурно, без проблеми. Новина е што процесот на регистрирање отпечаток сега бара лизгање со прстот, наместо повеќекратно допирање. Во кутијата нема изненадувања: USB-C кабел, алатка за SIM и упатства. Секако, полнач нема, но тоа е веќе стандард кај големите производители.

Поголем надворешен и внатрешен дисплеј

Надворешниот екран наречен Flex Window сега e многу поголем, со големина на дијагонала од 4,1 инч и со многу помали рамки околу дисплејот во однос на претходникот Flip 6, нуди импресивен приказ од раб до раб. Покрај тоа, се работи за екран со стапка на освежување од 120 Hz, за разлика од 60 Hz кај Flip 6. Од друга страна, главниот внатрешен екран е исто така поголем (6,9-инчи), има поширок сооднос од 21:9, што овозможува попрактична употреба. Сепак, иако изгледа одлично, екстерниот дисплеј сè уште има ограничена функционалност. Може да прикажува повеќе содржини, но сè уште е ограничен на само на виџети и известувања – не може да се користи како почетен екран или за работа со апликации.

Galaxy Z Flip7 донесува ново ниво на персонализација поддржано од вештачка интелигенција, прилагодено на стилот на корисникот. Од прилагодени предлози за wallpaper позадини до емотикони, бои и прилагодување на виџети – сè е оптимизирано за контрола со една рака, и замислата на Samsung е FlexWindow да биде еден вид динамично продолжение на корисникот.

Gemini Live сега е достапен директно на FlexWindow, така што можете да го користите вашиот глас за да барате информации и да завршите задачи – без раце. Покрај тоа, на зголемениот екстерен екран се достапни и новите функции Now Bar (прикажува активност во апликации во реално време, напредок на подкасти и известувања директно на покривниот екран, а е интегриран и со уште повеќе апликации од трети страни) и Now Brief, кој обезбедува уште повеќе персонализирани дневни ажурирања, вклучувајќи сообраќај, потсетници, календарски настани и резимеа за фитнес.  За издвојување и е тоа што часовникот на FlexWindow се адаптира и се растегнува за да се надополни со позадината на корисникот, обвиткувајќи го фонтот околу лицата или предметите на сликата за да го одржи јасно прикажувањето на времето.

Внатрешниот 6,9-инчен екран нуди многу простор за апликации и мултимедија, а дел од нив препознаваат кога уредот е полузатворен, па го приспособуваат интерфејсот во т.н. Flex режим.

Перформанси и софтвер

Под хаубата се наоѓа најновиот 3-нанометарски Exynos 2500 процесор специјализиран за Galaxy со 12 GB RAM меморија. Ова е првиот Flip без Snapdragon чип, а тестовите покажуваат дека Exynos претставува само мал компромис. При секојдневната употреба, разликата е речиси незабележлителна, но со оглед на високата цена, некои корисници очекуваат помоќен процесор. Основната верзија има 256 GB UFS 4.0 меморија – двојно повеќе од ланскиот модел.

Звукот што доаѓа од звучниците е нешто послаб во однос на Galaxy S25 Ultra или iPhone 16 Pro Max, но е почист и подобро балансиран од Flip 6. Телефонот доаѓа со Android 16 и One UI 8, со ветување за седум години ажурирања – што е голема предност. One UI 8 носи суптилни визуелни подобрувања и повеќе личи на iOS, а првпат на Galaxy Z Flip7 пристигнува и Samsung DeX, кој овозможува поврзување на уредот со надворешен монитор и алатки слични на компјутер за за подобрено мултитаскинг искуство.

Камери

Galaxy Z Flip7 носи фотографија од врвно ниво и најдобра селфи камера на Samsung досега. Со напредниот ProVisual Engine на Samsung, секоја сцена се оптимизира интелигентно за да се достават остри, детални снимки во било какви услови на осветлување, без потреба од рачни прилагодувања.

Хардверот на задните камери остана ист: главна камера од 50 MP и ултраширока од 12 MP. Телефото сензор сè уште нема, но Samsung тврди дека главната камера овозможува „оптички квалитет“ при 2x зумирање.  Резултатите се слични со Flip 6, но фотографиите се нешто подобри – повеќе детали, подобро осветлени сенки и без HDR грешки. Ултрашироката камера е поприродна, без претерано изострување. Квалитетот на видеото е слично како кај претходникот, но поголемиот надворешен екран овозможува многу подобро снимање влогови – голем плус за креаторите на содржина. Новина кај камерата се 10-битните HDR видеа, кои, како што се наведува, нудат до 4 пати побогата репродукција на бои во споредба со Z Flip 6, како и нови функции како Auto Zoom, Live Preview Filter и Zoom Slider.

Батерија и полнење

Батеријата од 4,300mAh е најголемата досега во Galaxy Z Flip, овозможувајќи до 31 часа време за видео репродукција на едно полнење. Galaxy Z Flip 7 има батерија од 4.300 mAh (8 проценти повеќе од Flip 6). При нашите тестови, телефонот издржува до 18 часа интернет прелистување и околу 9,5 часа репродукција на YouTube видеа. Полнењето е исто – 25W жично (околу 90 минути до 100%) и 15W безжично (околу три часа).

Заклучок

Иако Galaxy Z Flip 7 не е револуционерен скок како Galaxy Z Fold 7, сепак донесува значително подобрување во однос на претходникот. Поголемиот надворешен екран изгледа луксузно, а комбинацијата со потенок дизајн и подобра батерија го прави Z Flip 7 вистински магнет за внимание.

Се работи за солиден преклопен телефон кој пред сè ќе ги воодушеви корисниците што веќе се дел од Samsung екосистемот. Станува збор за уред кој е поевтин од конкурентниот Razr, изгледа елегантно и функционира извонредно брзо. Со долгорочна софтверска поддршка и бројни суптилни подобрувања, Z Flip 7 повторно ја освојува круната како најдобар избор меѓу преклопните смартфони.

Ако не спаѓате во групата на корисници што сакаат да го извлечат апсолутниот максимум од секој уред, но ве привлекува концептот на телефон со голем, убав и преклопен екран, со најновиот Flip нема да погрешите.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img