Home » Речиси цела фолк естрада доаѓа на хуманитарен настан во Кавадарци: Ние не ги оставаме нашите деца сами

Речиси цела фолк естрада доаѓа на хуманитарен настан во Кавадарци: Ние не ги оставаме нашите деца сами

by Журнал.мк

Голем хуманитарен концерт ќе се одржи во Кавадарци на 27-ми април, со почеток од 19 часот во спортската сала Јасмин. На истиот ќе настапи речиси цела фолк естрада, а организатор е музичарот Мики Тралала од Кавадарци и неговиот колега Трајче Димитриев.

Влезниците се со цена од 200 денари, а средствата од настанот се наменети за лекување на две деца од Кавадарци – Теодора Колева и Бела Кузев.

– Ние нашите деца и нивните родители не ги оставаме сами да ја војуваат оваа битка! Овде сме да помогнеме на наш начин, со музика, и драго ми е што моите колеги од фолк естрадата без многу двоумење прифатија да гостуваат на хуманитарниот концерт. Кавадарци е солидарен град, верувам дека и нашите сограѓани ќе дојдат во што поголем број на концертот, и дека ќе допринесеме барем од финансиска страна, да им го олесниме на родителите овој тежок период низ кој минуваат, борејќи се за здравјето на своите најмили, за „Фокус“ вели музичарот Мики.

Како што открива, покрај него ќе настапат и Благица Павловска, Марјан Коцев, Цаки Кисми, Даниела Темелковска, Адријана Кеш, Јордан Митев, Тале од Мерак меана, Софија Манева, Сања Барби, Катерина Танева, Анета Љумакоска, Дакапо Бенд, Снеже Радичевска, Модерато Бенд, Блага Петреска, Влатко и Златко Миладиновски, Дамјан Стојановски…

За девојчињата за кои се собираат средства на концертот, јавноста слушна неодамна. На Теодора и е потребна трансплантација на срце, и додека се чека донор таа прима скапа терапија која ја одржува во живот.

За Бела пак, која има церебрална парализа, семејството гледа шанса за подобрување на нејзината состојба со интензивна рехабилитација на поликлиника во Загреб.

Инаку, Мики кој стои зад организацијата на концертот, познат е во јавноста како иницијатор и организатор и на други хуманитарни настани во минатото. Заедно со неговата сопруга Тања (33), која почина минатата година по кратко боледување, во многу наврати спроведоа разни хуманитарни акции за помош на нивни сограѓани.

По смртта на Тања, Мики продолжи со акциите, а за ,,Фокус” раскажа дека го исполнува аманетот кој и го дал, дека ќе помага секогаш кога е во можност.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk