Realme на почетокот од 2023 година го претстави системот за полнење со моќност од 240W, кој дебитираше со моделот Realme GT Neo 5. Од тогаш, брендот е единствениот производител на смартфони што нуди полнење од 240W, а сега е подготвен да го собори сопствениот рекорд.
Во пресрет на глобалното лансирање на Realme GT 7, компанијата сподели детали за прототип со масивна батерија со капацитет од 10.000 mAh и исто толку импресивна моќност на полнење од 320W.
Најимпресивниот факт е тоа што дебелината на прототипот изнесува само 8,5 милиметри, а тежи 215 грама. Realme користел батерија со 10 проценти силициумска анода и постигнал енергетска густина од 886 Wh/L. За да го максимизира внатрешниот волумен достапен за батеријата, Realme ја намалил матичната плоча на висина од само 23,4 милиметри, што значи дека е најмалата во светот на Android смартфоните.
Chace Xu, претседателот на глобалниот маркетинг на Realme, објави двеминутно видео во кое се прикажува прототипот и откри детали за неговото создавање.
Сепак, треба да се има предвид дека станува збор само за прототип, а Realme GT 7 ќе има помала, но сепак голема батерија и побавно полнење. Од друга страна, на Realme не му требаше многу време да го претвори прототипот во комерцијален производ откако го претстави својот систем за полнење од 240W пред неколку години.