Пропадна обидот на спикерот Африм Гаши да ја деблокира работата на Комисијата за социјална политика, чија работа заглави откако СДСМ на дневен ред предложи да се најде предлогот за Закон за бранители. Откако Илире Даути, која предлогот не го стави на дневен ред беше сменета од претседател на Комисијата, Гаши одлучи да претседава друг пратеник од Европски фронт – Бејџан Иљас.
„Денеска до Кабинетот на претседателот пристигна писмо од координаторот на „Европски фронт“ дека пратеникот Бејџан Иљас ќе биде отсутен од сите активности во Собранието. Комисијата за социјална политика, демографија и млади што требаше да се одржи денеска во 11 и 30 часот, се одложува.“, велат од кабинетот на Гаши.
Пратеникот од Европскиот фронт, Елми Азири го повика Гаши да ја укине интерпелацијата на Илире Даути и да ја врати на позицијата претседател на Комисија, ако навистина сака деблокада на работата. Тој додава дека тие нема да прифатат друг предлог.
„Денешниот обид да се свика седница на Комисијата за социјална политика го потврдува токму она што уште од почетокот го предупредувавме, дека разрешувањето на Илире Даути од страна на парламентарното мнозинство, со предлог ставен на дневен ред од Африм Гаши, има за цел да го отвори патот за деблокирање на Законот за бранители, затоа денеска го повикуваме да се вразуми и да се повлече од овие сценарија.“, рече Азири.
Од ВМРО-ДПМНЕ не одговараат дали кога Комисијата би профункционирала, тие ќе поддржат на дневен ред да се стави предлогот за Законот за бранители. Од коалицијата „Вреди“ пак, истакнаа дека нема да поддржат решение кое може да предизвика тензии.
„Собранието работи по Деловник и се што е во рамките на Деловникот треба да биде спроведено. Се што е надвор од рамките на Деловникот не очекуваме да биде спроведено.“, изјави Ковачки.
„Ние се обидуваме да најдеме разумно решение за тоа. Ако се работи за било што за бранителите, треба да има соодветен однос и за другата страна која беше дел од конфликтот од 2001 година.“, рече Касами.
Подносителите од СДСМ повеќе пати нагласија дека предлог Законот за бранители може да се најде на дневен ред во Комисијата и покрај противењето на ДУИ. Односно, ако тоа како спикер го направи Гаши, кој го постави Законот за унгарскиот кредит во Комисијата и покрај противењето на пратеничката Сања Лукаревска во Комисијата за финансирање и буџет.