Собранието на Црна Гора на вонредна седница вечерва го разреши претседателот на Собранието Алекса Бечиќ. За неговото разрешување гласаа 43 пратеници на опозицијата и на коалиција „Црно –бело“, додека против беа 36 пратеници. Бечиќ, кој не сакаше да зборува за време на гласањето, беше избран за претседател на Собранието на 23 септември 2020 година.
Пратеникот на ДПС, Даниел Живковиќ рече дека партијата ќе гласа за отстранување на сите сегменти од власта кои не сакаат да учествуваат во решавањето на проблемот, со цел да се деблокираат институциите и да се забрза процесот на пристапување на Црна Гора во Европската унија. Според него, разрешувањето на владата на Здравко Кривокапиќ дефинитивно го доведе во прашање легитимитетот и на претседателот на Собранието. Тој рече дека претходните 14 месеци се изгубени за Црна Гора. Бечиќ во завршниот збор изјави дека напишаното во иницијативата за негова смена е неосновано.