Home » Различни тврдења од Бихаќка и Мала Речица: Зошто пропадна идејата за голем европски фронт?

Различни тврдења од Бихаќка и Мала Речица: Зошто пропадна идејата за голем европски фронт?

by Журнал.мк

Додека Ковачевски вели дека разговори за предизборна соработка со ДУИ не биле водени, бидејќи уште лани во јуни станало јасно дека Таравари ќе соработува со албанската опозиција, Груби тврди дека во СДСМ се повлекле од идејата поради загрижувачки резултати на анкетите, кои покажале дека големо мнозинство на Македонци се доживувале како граѓани од втор ред.

Владините партнери СДСМ и ДУИ своевремено најавуваа дека на претстојните избори ќе настапат во заеднички предизборен фронт, кој двете страни го нарекоа европски фронт. Меѓутоа, на крајот наместо еден се формираа два вакви т.н. европски блока – еден предводен од СДСМ со нивните традиционални партнери, а друг предводен од ДУИ, каде влегоа и партии-претставници на „помалите“ етнички заедници – турска, ромска, бошњачка…

Во меѓувреме, од Бихаќка и од Мала Речица даваат различни објаснувања за причините зошто пропаднала идејата за формирање на еден голем европски блок…

Предизборни критики за несоодветно однесување: Има ли заладување на односите меѓу СДСМ и ДУИ?

Лидерот на СДСМ и довчерашен премиер Димитар Ковачевски вели дека уште ланската 2023 година, поточно во јуни, било јасно дека нема да се формира ваков сојуз, бидејќи, како што рече, лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари имал јасен став да настапи со албанската опозиција на овие избори. Тоа, според него, го стави ДУИ во друга положба, со оглед дека морале да излезат и со свој кандидат на претседателски избори.

Инаку, албанската опозиција настапува со гостиварскиот градоначалник Таравари како кандидат за претседател, а ДУИ во оваа трка истрча со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

-Ваква слична ситуаиција имавме пред 5 години, но тогаш кандидат на албанската опозиција не беше политички пофилиран, а сега има кандидат кој 2 пати сам го победи ДУИ во Гостивар. Од таа причина разговори не беа ниту водени. Политичката динамика налагаше секој да ги презентира програмите во традиционалниот електорат, но длабоко ветувам дека на крајот на денот пак ќе има 2 блока. Едниот ќе се залага за интеграција во ЕУ до 2030 и втор блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе се залага за алтернативно сценарио без план – изјави неодамна Ковачевски на „АлсатМ“.

Додека тој вели дека до разговори за заеднички листи со ДУИ не дошло, сосема спротивно тврди министерот за политички систем Артан Груби, кој е шеф на кабинет на Али Ахмети. Како што вели Груби, Ахмети предложил формирање на европски фронт со СДСМ и пред Ковачевски и пред неговиот претходник Зоран Заев, меѓутоа, според него, социјалдемократите се повлекле по одредени анкети, кои покажале дека 2 третини од Македонците се доживуваат како граѓани од втор ред.

Воедно, тој истакна дека СДСМ се уплашила и повлекла од идејата поради тоа што мнозинство етнички Македонци ги прифатило тезите на ВМРО-ДПМНЕ.

-Кога веќе се повлекоа од идејата, ние излеговме на терен и почнавме да заговараме европски фронт со другите парири, зашто видовме дека СДСМ нејќе и нема готовност, се уплаши од тие анкети и не покажа доволно лидерство, туку падна под влијанието на ВМРО-ДПМНЕ, која многу агресивно ја наметнуваше оваа теза дека ДУИ владее, дека Артан е премиер, дека Ахмети е сопственик на државата… Сите неточни тези што ги наметнуваше ВМРО-ДПМНЕ – рече Груби во поткастот „Политиканти“.

Сепак, според него, СДСМ потоа се предомислиле, откако, како што рече, на дополнителни анкети правени од Бихаќка, но и од страна на Заев, се покажало дека европски фронт со СДСМ и ДУИ би бил изборен победник, бидејќи имал предност од 4,5 проценти. Но, на ДУИ му било битно дали тоа значи и мнозинство од 61 пратеник, бидејќи, вели Груби, зошто би правеле коалиција ако добијат мандат без да може да формираат влада?

Како и да е, тој вели дека било предоцна за коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, бидејќи „интегративците“ пред гласачкото тело веќе имале наведено дека ќе одат во поинаков фронт.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More