Home » Разговор со Сашо Тодоровски, директор на Театарот и на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“, Куманово

Разговор со Сашо Тодоровски, директор на Театарот и на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“, Куманово

by Журнал.мк

Формиран пред крајот на деведесеттите години од минатиот век, од група уметници, актери и граѓани ентузијасти од Куманово, од 24 септември до 8 октомври годинава ќе се одржи дваесет и седмото издание на МТФ Денови на комедија 2024.

Како и секоја година, на затворањето на фестивалот ќе се претстави најновата претстава на Театар Куманово, а оваа година тоа ќе биде премиера според текст на Шекспир, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. Моментално сите дејности на овој театар, наместо во сопствената зграда, се одвиваат во просториите на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

Навикнати сме веќе со години да слушаме за децентрализација на сите нивоа, но како и дали тоа реално се случува? За ова и за други прашања разговарам со директорот на Театарот, Сашо Тодоровски, кој е веќе седум години на раководна позиција во Центарот за култура и во Театар Куманово. Тој е дипломиран професор по книжевност и бил долгогодишен соработник во Фондацијата за култура при Општина Куманово како дел од организацијата на настаните од култура.

Што е на програмата за овогодинешното издание на фестивалот?

С. Тодоровски: Оваа година на репертоар имаме 11 театарски претстави од театрите од: Велес, Охрид, Скопје, Штип, Тетово, театри од Враца и Плевен од Република Бугарија и Врање и Ниш од Република Србија, а на затворањето на фестивалот ќе се претстави најновата претстава на Театар Куманово, оваа година тоа ќе биде „Ноќ спроти Водици“ во режија на Срѓан Јанаќиевиќ.
Сакам да истакнам дека изминативе три години фестивалот е од награден карактер, со што се подигнува нивото и значењето на фестивалот, се доделуваат награди за најдобра актерка и актер, најдобра споредна улога, најдобра режија, сценографија, костимографија и најдобра претстава.
Исто така востановивме награда на фестивалот, „Васил Иљоски“, за особен придонес во театарската дејност, особено во делот на комедијата, со одлука на Програмскиот совет во состав на: Александра Михајловска Величковски, Владанка Крстевски, Сефедин Шабани, Крсто Богојевски, Цоки Ристовски и Сашо Тодоровски. Оваа година таа му припадна на актерот лауреат Сашко Коцев.
Наградата свечено ќе му биде доделена на актерот на отворањето на фестивалот на 24 септември.
Досега на фестивалот учествувале екипи од повеќе држави како што се: Хрватска, Бугарија, Србија, Ерменија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и сите македонски театри. Би сакал да истакнам дека ова е најпосетен фестивал во Република Македонија и тоа го покажуваат бројките од продадени билети бидејќи на секое фестивалско издание има во просек по 6 000 до 7 000 илјади посетители кои ги следат претставите и речиси секоја претстава е исполнета до последното место. Едноставно се создаде некоја убава магија за тој фестивал Денови на комедија така што граѓаните го очекуваат и со задоволство го следат. Сите гости, актери, режисери, театарски критичари, од странство и од Македонија, кои биле присутни на фестивалот се воодушевени од енергијата, од комуникацијата со публиката и од нејзината бројност.

Зошто во моментов ги користите просториите на Домот на културата, кој воедно го делите и со албанскиот театар? Како изгледа оваа коегзистенција?

С. Тодоровски: Во моментов зградата на Театар Куманово се реконструира и според сегашнава динамика на изведување на работите очекуваме реконструкцијата да заврши кон крајот на 2026 година кога актерите и целата екипа од театарот ќе можат да се вселат во својот реконструиран и функционален театар. Очекуваме зградата да ги има и да ги исполни сите услови кои се потребни за театарска дејност. Во моментов сите сме во Центарот за култура Куманово кој, за екипата од Театарот, македонска и албанска драма, е привремен дом − простор каде што ги реализираат своите активности.
Коегизстенцијата секако е потребна, наоѓаме заеднички јазик преку договор и разговор за да може воедно да функционира и Центарот за култура кој има свои потреби, дејности и правила на функционирање, заедно со Театарот кој има свои различни потреби како што се театарска сцена, гримиорни, читални, мала сцена. Па така, дел од потребите на Театарот ги прилагодивме во просториите во Центарот за култура, сè со цел дејноста да функционира додека не се заврши реконструкцијата на зградата на театарот.

Колку глумци се вработени во театарот?

С. Тодоровски: Во театарот се вработени 15 актери од македонска драма и 8 актери од албанска драма. Освен актерските екипи, Театар Куманово е екипиран и со режисери, маркетинг-тим, сценограф, драматурзи и комплетен помошно-технички персонал за извршување на тековните дејности при подготовка на театарски претстави.

Со кои проблеми се соочувате − буџет, простор, професионалност?

С. Тодоровски: Проблемите се постојани и се чести, но се обидуваме да ги решаваме. Некои во òд, а некои мора со стратегија, за да се добие зелено светло од повисоките инстанци. Еден од најголемите проблеми, а секако најголем во Центарот за култура, е тоа што не можеме да обезбедиме финансии за проектот со кој ќе се реконструира затоплувањето во Центарот за култура за да можеме да функционираме и во зимските месеци. Тогаш работиме само во малите сали бидејќи во големата сала нема затоплување. Во врска со буџетот, за да може да се реализираат комплетно замислите и на режисерите и на уметниците, секогаш може и треба да биде поголем. Но, освен буџетот за програмата, мора да се зголеми и буџетот за реално функционирање на установите, да се обезбедат поголеми средства за материјално тековно функционирање на установите од култура, за да можат да бидат тековно одржувани. Тоа се големи објекти, градени во некое друго време и за некои други услови, најголемиот дел се со просечна старост од четириесетина години и повеќе, па бараат постојано вложување и одржување за да може да одговорат на денешните потреби.

Дали сте задоволни од вашата соработка со Министерството за култура и со градот Куманово?

С. Тодоровски: Секако дека да, досега сме немале никакви проблеми, можам да кажам дека луѓето кои работат таму се едни од најсоработливите колеги кои ги имам запознаено. Секогаш излегуваат во пресрет за кој било проблем кој ќе се појави и се обидуваме да го решиме заеднички. Сега, тука се битни финансиите, но сепак тоа е стратегија во која мора да се вклучи државата и да обезбеди многу поголем буџет за Министерството за култура за тоа да може да ги сервисира своите единки корисници, а тоа се центрите за култура, театрите, музеите и другите културни установи. Слично е и со градот и со општината, долго време се разговара да се децентрализираат институциите од култура, каде можеби во некој аспект би било олеснето функционирањето, но таа стратегија и идеја сè уште се немаат реализирано. Во секој случај потребно е да се зголеми буџетот за култура доколку сакаме да создаваме култура. Да се изнајдат начини како што е во спортот, да се ослободат од дел од данокот фирмите кои би донирале во култура. На тој начин и културата ќе стане повидлива и поприфатлива за бизнисот − кој би сакал да вложува и да инвестира во културата и во културните објекти.

Дали публиката редовно доаѓа, дали е заинтересирана да доаѓа, која е вашата хит-претстава досега?

С. Тодоровски: Публиката е најважниот столб кој нè одржува во живот. Навистина можам да кажам дека и во Театарот и во Центарот за култура во Куманово имаме публика која ги следи сите настани кои се организираат, без разлика дали се фестивали, претстави, концерти или изложби.
Не би издвојувал театарски претстави бидејќи речиси секоја претстава си ја има својата публика, но еве една од претставите која долго се игра кај нас е претставата „Секс и лаги“ за која секогаш имаме интерес и претставата „Малата сирена“ за најмалите.

Кое е вашето мислење за состојбата во театрите во Македонија?

С. Тодоровски: Како прво, нешто што треба да се направи за дел од театрите е формално правно да се одделат театрите од центрите за култура, односно да бидат посебни, одделни институции. Тоа мора да се направи во Куманово, во Штип, во Охрид, во Струмица, во Прилеп, каде што театрите се дел од центрите за култура. Со таа формално правна операција овие театри ќе добијат свој сопствен порив за тоа да бидат и пофункционални и подобри. Но, и сега овие театри, иако се сите од внатрешноста, создаваат и имаат квалитетна, забележителна продукција на претстави. Инаку генерално, за да се подобри состојбата во театрите, според мене, мора да им се даде делегиран буџет, буџет со кој тие ќе располагаат, ќе формираат внатрешни комисии и самите ќе одлучуваат за тоа која претстава ќе се реализира таа година и следната во нивната куќа, колку претстави ќе се реализираат со парите што ќе им бидат делегирани и слично. Тогаш и одговорноста ќе биде на самите театри и на нивната продукција.
Театрите се тука, ние треба да ги одржуваме и да ги градиме, а тие и луѓето во нив мора да бидат и погласни и похрабри бидејќи единствено тие се нашиот коректив на појавите кои се случуваат и кои се случувале во општеството.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk