Дефинитивното разидување меѓу Арбен Таравари и останатите лидери на ВЛЕН му оди во прилог на Али Ахмети, бидејќи при ваков сооднос на силите ДУИ влегува како фаворит на локалните избори. Притоа, времето ќе покаже дали вистинската цел на Таравари е да постигне максимален личен изборен успех или да послужи како мост за враќање на Ахмети на власт. Во меѓувреме, Биљал Касами порача дека заминувањето на еден субјект отвора простор некој друг да влезе во ВЛЕН и патем најави зголемување на владиното мнозинство. Иако не прецизираше на кого мисли, сепак, јасно е дека алудира на Зијадин Села, кој имаше непријатна разделба со Таравари и моментално е дел од Европскиот фронт.
Поделбата на коалицијата ВЛЕН која настана по заминувањето на Арбен Таравари ја нарушува досегашната рамнотежа на силите во албанскиот политички блок и може целосно да ја промени динамиката на политичката сцена. Според сите јавно објавени анкети, но и според сондажите за внатрешнопартиски потреби, владејачката коалиција ВЛЕН има(ше) приближно ист рејтинг со опозициската партија ДУИ.
Арно ама, таквиот сооднос сега сериозно се доведува во прашање, па слободно може да се каже и дека се нарушува, бидејќи еден од четирите субјекти веќе не е дел од албанската владејачка коалиција. Згора на тоа, треба да се има во предвид дека Таравари е политичар со највисок личен рејтинг после Али Ахмети, а неговата одлука да се приклучи кон ВЛЕН беше пресуден елемент оваа коалиција да извади поволен резултат на последните парламентарни избори.
Зошто Таравари сега одлучи драстично да го ослабне ВЛЕН во пресрет на претстојните локални избори, има неколку објаснувања. Според едната верзија, тој бил незадоволен од неговиот статус во ВЛЕН, кој досега функционираше на партнерска основа меѓу четирите субјекти – крилото на Алијанса за Албанците на Таравари, Демократско движење на Изет Меџити, Беса на Биљал Касами и Алтернатива на чело со Зеќирија Ибраими.
Наводно, Таравари сметал дека треба да има водечка улога во блокот, бидејќи, меѓу другото, токму тој го донел поволниот изборен резултат кој му овозможи на ВЛЕН да го интерпретира како изборна победа. Меѓутоа, останатите партнери сметаат дека тоа е само изговор на Таравари, бидејќи, според нив, тој бил фаворизиран и на парламентарните избори со најмногу пратеници, а и сега му биле понудени 35-40 отсто од колачот при поделбата на градоначалнички и советнички места.
Затоа, тие се уверени дека потегот на Таравари е резултат на договор зад сцената меѓу него и Ахмети, чија цел е подобрување на позицијата на ДУИ на локалните избори. Имено, со самостоен настап на Таравари се менува целата слика, бидејќи интегративците сега се со најголеми шанси да победат во гласањето за советници, што ќе биде репер за реалната тежина на партиите, бидејќи во изборот за градоначалници можно е конечниот епилог да го одлучат разни политички пактови и комбинаторики.
Сепак, се чини дека вистината е некаде на средина. Можеби Таравари навистина има некаков договор со Ахмети, меѓутоа веројатно одлучил да го следи сопствениот интерес, наместо да го следи интересот на ВЛЕН. Судејќи според последните избори, кога ВЛЕН победи во Тетово и Чаир, но загуби во Гостивар, можеби Таравари пресметал дека со него ВЛЕН ќе има има генерална победа или ќе извлече нерешено, но тој би излегол како губитник дома, во Гостивар, додека неговото присуство во коалицијата ќе им овозможи на останатите партнери да победат во своите средини.
На овој начин, прво со јавното истакнување на разликите меѓу него и останатите во ВЛЕН, а потоа и со дистанцирање од коалицијата, тој можеби го „убедил“ ДУИ да му го остави Гостивар и други општини. Дали ќе испадне така или не, ќе покаже времето, меѓутоа факт е дека Таравари и отворено се залага за соработка со сите, вклучително и со ДУИ, зависно од развојот на настаните во одредена општина. Во тој контекст, тој го спомена дури и ВМРО-ДПМНЕ.
Оттука, веќе јасно е разидувањето меѓу Таравари и другите лидери во ВЛЕН, но она што е нејасно е дали одредена неформална соработка за локалните избори ќе биде подготовка за целосен трансфер на Таравари во т.н. Европски фронт предводен од ДУИ, каде уште се наоѓа и другото крило на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села? За потсетување, Таравари и Села имаа непријатна разделба пред изборите, но веќе јавно се поставува прашањето колку е можно обединување меѓу нив?
–Веќе 90 посто од партијата се тука, 10 посто се останати. Пред 10 дена дојде градоначалникот на Врапчиште кој што беше во другата страна и се припои. Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е – рече Таравари, кој на конкретно прашање дали тоа се однесува на Села рече: „Ако сака добредојден е, отворени се вратите“.
Села, пак, одговори во објава на фејсбук, која гласи: „Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет. Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, даден и одржан збор и мажественост се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ни куќа ни врата, а камоли голема“.
Од ваквиот одговор на Села може да се заклучи дека, барем засега, директно и официјално обединување меѓу Таравари и Села е далеку од возможно. Во таа насока, неодамна во интервју за „Фокус“ Села изнесе детали за неговиот однос со Таравари и причините за разделба. Како што рече Села, Таравари следел наредби од Христијан Мицкоски и неговата цел била целосно да ја снема Алијанса за Албанците.